„Да се убие подбивната птица" се смета за класично дело на модерната американска литература. Се однесува на настан кој се случил во 1936 во Монровил, Алабама, во атмосфера на расна нетрпеливост. Нејзе херојски ѝ се спротивставува главниот лик, адвокатот Атикус Финч, кој на суд брани црнец неправедно обвинет за силување млада бела жена. Книгата се занимава токму со овие теми - расните и класни односи на далечниот американски југ.
Новооткриената книга се вика Go Set a Watchman (Постави чувар), напишана е пред „Подбивната птица", но се однесува на настани кои се случуваат 20 години подоцна, во текот на движењето за граѓански права. Скаут Финч, 12-годишното девојче-главен лик во „Подбивната птица", во новава книга е возрасна жена којашто се враќа во Алабама откако живеела и работела во Њујорк.
Ракописот го пронашла адвокатката и пријателка на Харпер Ли, Тоња Картер, којашто ја пребарувала архивата сместена блиску до домот на писателката само за да ја провери состојбата на оригиналниот ракопис на „Подбивната птица". Но таа пронашла и нешто сосема поинакво - целосна втора книга, за којашто цели 50 години се верувало дека е загубена.
Со оглед на тоа што Ли денес има 88 години, речиси е слепа и глува заради мозочен удар од пред 8 години, нејзините обожаватели не веруваа дека некогаш ќе прочитаат нешто ново од неа.
Џонатан Брхман од „Харперс" е издавач на делото, кое ќе се печати во 2 милиони (?!) примероци. Еве делови од неговото интервју за „Атлантик"
Како беше најдена книгата?
Таа беше пронајдена на безбедна локација близу домот на Харпер Ли, споена со оригиналниот примерок на ракописот за „Да се убие подбивната птица". Авокатката и пријателка на Ли, Тоња Картер, додека го вртела оригиналниот примерок сфатила дека некои од сцените и ликовите во книгата немаат врска со „Подбивната птица", односно дека се работи за две различни книги.
Дали е точно дека ова е продолжение? Колку има преклопување со првата книга?
Всушност нема никакви преклопувања. Сите сцени се нови. Има повремено идиоми или реченици кои веќе постојат. Има референци на годините кога се случувала „Подбивната птица", но ништо што е директно поврзано со неа. Така што тоа е сосема различен роман, не е скица за „Подбивната".
Како реагираше Харпер Ли?
Беше пресреќна, затоа што мислеше дека ракописот е загубен. Таа отсекогаш била самокритичен писател, па веднаш го сподели ракописот со блиски пријатели и советници, кои ѝ рекоа дека тој може веднаш да се објави. Таа беше вклучена во целиот процес, но нема да учествува во рекламирањето на книгата. Таа и никогаш не го правела тоа, односно нема дадено интервју од 1964, па тоа веројатно нема да се смени. Единствено може да напише вовед за книгата.
Целото интервју тука
Антологискиот говор на Атикус Финч во филмот според „Подбивната птица", игран од прекрасниот Грегори Пек
Илустрација на книгата од нашиот Фестивал на јадење книги