Кога првиот сончев часовник пристигнал во Рим, како воен трофеј грабнат од Сицилија во третиот век пред нашата ера, и бил поставен на Форумот за сите да можат да го видат, повеќето Римјани го гледале со јанѕа . „Боговите го проколнале оној кој го открил часот, и оној кој го прекршил денот на парчиња“, пишува Плаут. „Кога бев мал мојот стомак беше единствениот сончев часовник, а и најточниот“.
Од тогаш наваму луѓето постојано се жалат на часовниците. Според авторот на нова книга на оваа тема под двосмислен наслов About Time: History of Civilization in Twelve Clocks (За времето, или Крајно време: Историја на цивилизацијата во 12 часовници), Дејвид Руни, часовникот променил сè. Новиот темпорален ред кој го наметнал значел дека неговото почитување станало цивилизациска придобивка, а оние кои не се прилагодувале на неговите отчукувања или биле прогласувани за варвари, или исчезнале во времето.
Зборот часовник на англиски, clock, веројатно доаѓа од старофранцускиот збор за ѕвонче, cloche или cloque, можеби поради тоа што црковните ѕвона биле оние кои го одредувале ритамот на денот пред појавата на часовниците. Денес тоа можат да бидат и мобилните телефони, кујнските тајмери и „смарт“ часовниците кај кои покажувањето на точното време е само една од многуте функции.
Руни е поранешен музејски куратор и директор на Антикварното оролошко зружение, па оттаму и неговата информираност за технологиите на броењето на времето низ голем опсег култури и периоди - од древниот Рим и Кина, преку Италија во 14 век до Индија во 19-тиот. Книгата има 12 поглавја и зборува не толку за 12 конкретни часовници туку за пошироки теми како идентитет, отпор, знаење и друго, поврзани со некои од средствата за мерење на времето.
Голем дел од книгата се анегдоти и занимливости. Така, тој зборува за средовековна катедрала во Германија каде еден многу детално изработен механички часовник позади олтарот вклучува изрезбарени фигури кои ги претставуваат смртните гревови. Пoкрај него има натпис: „Секогаш кога ќе ја слушнеш мелодијата на гласното ѕвонче, помисли на Бог кој владее со Ѕвездите и слави Го“.
Попрецизните хронометриски алатки биле развиени и од многу практични причини. Иако шпанскиот крал Филип Втори понудил награда во готовина во 1567 за оној кој ќе измисли систем на мерење на времето согласно напоредниците за морнарите, дури во 1750 Џон Харисон развил прецизни мерни средства кои можеле да ги издржат промените на влажност и температура, овозможувајќи точна фиксирана референца за време која можела да се спореди со времето на море.
Прецизноста на часовниците со текот на времето се подобрувала. Во 1920-тите најдобрите механички часовници со клатно добивале или губеле не повеќе од една секунда секои два или три месеци. До 1955 атомскиот часовник бил прецизен до една секунда секои 300 години; во Британската национална лабораторија по физика во 1980-тите е направен атомски часовник кој „бега“ за една секунда на секои 300,000 години. Атомските часовници на кои се работи во моментов имаат точност од плус или минус една секунда на 30 милијарди (!) години.
Па сепак. И сега, како и отсекогаш, времето Е, а ние сме тие кои минуваме.