Тоа беше една од пострашните приказни кои ги читавме како деца. Во оригинал на германски позната како „Хансел и Гретел“, кај нас како „Ивица и Марица“, таа е прв пат објавена од страна на браќата Грим во 1812, и има голем број верзии во култури кои често немаат никаква допирна точка едни со други. Оттаму и нема поента да се зборува за некаков нејзин „автентичен“ извор или за „оригинал“.
Но во 1963 еден германски писател излегол токму со такво тврдење - дека ја открил вистинската приказна зад бајката.
Според делото „Вистината за Ивица и Марица“, двете деца всушност биле возрасни брат и сестра, кои работеле како пекари во Германија во средината на 17 век. Тие ја убиле вештерката, локална слаткарка, за да ѝ го украдат тајниот рецепт за „лебкухен“, традиционално колаче со ѓумбир. Книгата дури и содржела факсимил од конкретниот рецепт (фото доле), како и „сензационални“ фотографии со археолошки докази.
Медиумите гладни по сензации ја голтнале приказната и ја претвориле во национална вест. Книгата ја прогласиле не за книга на неделата или на годината, туку и на векот. Државниот источногермански весник Берлинер Цајтун излегол со наслов: „Хансел и Гретел - дуо убијци?“, поставувајќи прашање дали станува збор за кривично дело од „раната капиталистичка ера“. Веста се проширила како шумски пожар, не само во Германија, туку и во странство. Издавачите намирисувајќи профит почнале да преговараат околу правата за превод. Училишни екскурзии од соседна Данска патувале низ шумите на Баварија за да ги видат новооткриените темели на куќата на вештерката.
Но ништо од ова не било вистина. Всушност, книгата била книжевна измама направена од Ханс Тракслер, германски писател на детски книги и стрип-цртач, познат по својот саркастичен хумор. Денес 90-годишниот автор, кој живее во Франкфурт, вели дека поводот во таа 1963 била 100 годишнината од смртта на Јакоб Грим, што го инспирирало да избере една од најпопуларните бајки и малку да си поигра со неа.
За убедливоста на книгата помогнало и тоа што Тракслер претходно се интересирал за археологија, а спровел и истражување во музејот на браќата Грим во Касел. Фиктивниот протагонист на книгата, Георг Осег, бил претставен како наставник и археолог-аматер. Слично како и славниот германски археолог Хајнрих Шлиман кој ја барал митската Троја за да ја докаже историската точност на „Илијадата“, и Осег бил опседнат со пронаоѓање на куќата на вештерката од „Ивица и Марица“.
Во манир на добар авантуристички роман, Тракслер раскажува како Осег со учениците бил на екскурзија во Штајнау ан дер Штрасе во германската област Хесе. Тука запознал локален фармер кој блиската шума ја викал Хексенвалд или „шума на вештерката“, а чиј дедо наводно имал видено и конкретна вештерска куќа во неа. Така започнала неговата потрага која се потпирала на бајката како на документ, комбинирано со експерименти - како кога му ги наполнил џеповите на некое осумгодишно дете со камчиња исто како во приказната, и го натерал да го обележува патот со нив. Но наскоро сфатил дека е на погрешна трага, односно дека Ивица и Марица не можеле да бидат деца, туку возрасни.
Следува пронаоѓање на куќата и на темели на четири печки на дрво. Во една од нив нашол и јагленосани остатоци од скелет. Но штала во која Хансел бил затворен од вештерката во приказната не била пронајдена. Обратно, наишол на скршени катанци од куќата на вештерката, по што заклучил дека Ивица и Марица биле оние кои насилно влегле во куќата, ја убиле бабата а потоа се обиделе да го запалат нејзиното тело. И уште куп детали за причината за убиството - колачето.
Книгата од 120 страници содржела повеќе од 40 фотографии, цртежи и модели. Тракслер самиот позирал како Осег, со кожна шапка, лажна брада и мустаќи (фото горе) при што како што самиот вели се кинеле од смеење со пријателот-фотограф.
Вистината за книжевната измама се дознала во 1964. Едно од нештата кои го издале било тоа што тој го копирал рецептот од готвач на доктор Еткер. Издавачот добил толку многу писма од читатели кои барале да ја дознаат вистината што морал да вработи тројца за да одговараат на нив. Еден од читателите бил толку изнервиран што дури и поднел тужба за измама. Полицијата го испрашувала Тракслер, но не покренала постапка.
Книгата „Вистината за Хансел и Гретел“ во меѓувреме се продала во илјадници копии, а во 1987 била инспирација и за филмска адаптација под истото име. Уште една поука, дека луѓето едноставно сакаат добра приказна, па макар таа била и лажна.