Композицијата е со наслов „Спирала“, а нејзин автор е Гоце Симоноски, кого до сега на сајт сме го имале како учесник во Букбокс анкетата „5 музичари препорачуваат 5 минути кои ќе направат да ја засакате класиката“ и како продуцент на албум на бендот Skyrise од Тетово.
Го замоливме самиот да ни го објасни концептот на ова негово дело од 2017:
Шаблоните во природата ги бележиме со математичка нотација која понатаму честопати послужувала како инспирација за креативни дела од разни области на уметноста. „Spiral “ е дело инспирирано токму од концептите во математиката, или поточно—Фибоначиевата низа. Ваквиот математички концепт е отсликан во музичката форма, формообразувачките средства, како и во вертикалните и хоризонталните аспекти на композицијата. Целта е да се добие звук којшто треба до одреден степен да ги илустрира шаблоните во природата, пресликани во форма на уметничко дело. Ние луѓето сме продукт на природата, а инстинктот за креирање на ваков тип на музичко дело е начин на кој јас ја покажувам мојата љубов и восхит кон неа.
Композицијата има петтоделна форма која е образувана по принципот на Фибоначиевата низа. Во однос на хармонските особености, користена е засебна музичка техника позната како спектрална музика, која ги користи аликвотите како основа за градење на хармонските созвучја. Инаку, аликвотите претставуваат акустичен феномен кој спонтано се јавува во природата во сите варијанти на звук: глас, инструмент, автомобил, грмотевица, итн.
Звукот е генериран во неколку чекори. Најпрвин, направени се серија на вокални снимања, изведени од страна на авторот со исполнување на едноставна (рамна) линија за секоја дадена нота. Во случајот, користена е согласката „м“ како основа за произведување на звук. Бидејќи траењето на звукот е ограничено од биолошкиот систем за вентилација (белите дробови), за негово продолжување е користена специјализирана софтверска програма. На овој начин, нотните вредности се продолжени по желбата и потребите на авторот. А освен продолжување на нотните вредности, користени се и дополнителни софтверски компоненти, како специјални филтри и манипулатори на звук.
Книгата на Гоце, „Едно“, која се занимава со истражување на феномени од природата и музиката може да ја видите (и купите) тука
Тој е редовен соработник на сајтот „Наука за сите“, а негови текстови поврзани со музика, еволуција и естетика може да прочитате тука