На почетокот на месецов Њујорк Тајмс спроведе анкета помеѓу познати музичари, критичари и музички директори, поставувајќи им едно навидум едноставно прашање:
Кои (отприлика) пет минути би му ги пуштиле некому за да ја засака класичната музика?
Иако најпрвин сакавме да ги преведеме и пренесеме нивните одговори, се сетивме на нешто поинтересно - да им го поставиме истото прашање на некои од нашите искусни диригентски пера, музички педагози и композитори.
Еве ги, 5 на број, со нивниот избор на, според нив, најубавите 5 минути во класичната музика. Ќе видите, без да знаат, некои од нив интересно се поклопуваат. Им благодариме на сите што го прифатија предизвикот, кој веројатно не беше лесен.
Борјан Цанев, професор на ФМУ и диригент
Густав Малер, финале на Симфонија број 2 („Воскресение“)
За мене ова е најемотивното парче музика напишано досега. Допира длабоко во вас, до секое скриено делче во вашето тело, ги буди сите сетила. Создадено со многу љубов и искреност, а ретко кој слушател го остава со суви очи и ненакострешена кожа...
Не случајно токму оваа изведба. Клаудио Абадо е еден од најдобрите интерпретатори на Малер. За жал мајсторот замина во вечноста пред неколку години.
Дарија Андовска, професорка на ФМУ и композиторка
Вториот став, Largo од Концертот за пијано и оркестар во f-moll на Бах
Ова е целестијална музика, гали со нежност на пролетен ветрец, доза на тивка меланхолија, проткаена со потајна и неоснована, речиси наивна радост, завиткана во медитативен спокој со светлина на блага надеж, со широчина на ѕвездено чисто небо, преполно со прашања и премолчени одговори, кои едноставно СЕ.
Музика во која е испреплетено боженственото и човечкото, но совршено искрено, непретенциозно и скромно.
Љубов во најчиста форма.
(во изведба на Глен Гулд, 3 мин и 25 секунди)
и уште 2 минути и 10 секунди -
Бразилиера од свитата за две пијана „Скарамуш“ од Дариус Мијо
Екстатична, незауздана, полетна. Радост и среќа, зачинети со кокетноста на латино-музиката.
Живот со живост со каква треба да го доживуваме.
Бехар Весели, професор во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ и диригент
Варијација бр. 18 - Andante cantabile/Des-dur од „Рапсподија на тема на Паганини“ од Сергеј Рахмањинов
Откако сум вработен во средното музичко училиште како професор по предметите хармонија и музички форми, едно од делата со кое на учениците им правам вовед во емоционалноста и естетската длабочина на класичната музика е токму оваа варијација.
Со ова парче музика и во иднина би поканил секого да го искуси волшебството кое го создава единствено класичната музика.
Од многуте дела, мојот избор паѓа врз варијацијата број 18 затоа што има околу 16 години откако ја имам слушнато за прв пат, а се до денес, секогаш кога ќе ја слушнам, во мене ги буди истите чувства и емоции.
(во изведба на Артур Рубинштајн)
Сања Пановска-Миланова, професорка по музичко во средното училиште „Нова“ и диригентка
Варијација бр. 18 - Andante cantabile/Des-dur од „Рапсподија на тема на Паганини“ од Сергеј Рахмањинов
Нема да навлегувам во анализата на рапсодијата, едноставно делото е преполно со емоции и успева да те обземе комплетно. Таа нагорна линија во динамиката, кога мислиш дека не може повеќе, Рахмањинов прави да може, и да не сакаш да заврши.
(во изведба на Владимир Ашкенази)
Гоце Симоноски, композитор
Арво Парт - Огледало во огледало
Композиција која „зрачи“ со едноставност, без непотребна апстракција и емоција која непосредно допира и комуницира со слушателот. Ова е музика која не изискува дополнителни дескрипции, елаборации и литература за подобро разбирање на содржината. Потребно е само тивко место и слушање.
Претходни статии под #СакамКласика