Ханиф Курејши за неговиот пријател, Дејвид Боуви

На 7 септември ќе излезе нова, до сега најдетална биографија на Дејвид Боуви. На повеќе од 500 страници, таа содржи 180 интервјуа со негови пријатели, конкуренти, љубовници и соработници, од кои повеќето никогаш порано не зборувале јавно за нивната врска со Боуви.

Рекламирана како „усна историја“ која го трасира патот на славниот музичар и во уметничка и во човечка смисла, „Дејвид Боуви: Живот“ на Дилан Џоунс содржи, меѓу другото, и спомен на британскиот писател Ханиф Курејши на нивното пријателство. Пренесуваме извадоци од него:

***

„Еден од првите, и најзначајни совети кои Боуви ми ги има дадено, тоа беше во раните 1990-ти, е да ги запишувам имињата на секретарките и асистентите со кои доаѓам во контакт. Ова ќе ми помогне подоцна, објасни тој, кога ќе треба да стигнам до важните луѓе.

Шармот, како што напиша Алберт Ками во „Падот“, е начин луѓето да се натераат да речат ’да’ дури и пред да им кажеш што сакаш. А мајорот Том или капетанот Том, како што инсистираше да го нарекува Френк Запа кога Боуви се обиде да го „збари“ неговиот гитарист, веќе имаше искористено голем дел од шармот за да стигне до важните. И до асистентите и до секретарките и до илјадници жени со кои спиеше, понекогаш во тројки на оргии во улицата Оукли во Челси, каде живееше со Енџи Барнет, во нешто што тогаш симпатично беше нарекувано „отворена врска“.

Татко му на Боуви, кој знаеше многу за музиката и беше негов ран поддржувач - веројатно негов прв фан - беше главен за Пи-ар кај д-р Барнардо (британска хуманитарна организација за деца и млади). На некој начин Боуви секогаш работеше во Пи-ар секторот, рано сфаќајќи дека појавноста е сè. Уште како тинејџер научи како да го обожуваат и мажите и жените. 

Боуви одеше во исто школо како и јас, техничкото средно училиште Бромли во Кестон, но 10 години претходно. Треба да се каже дека местото беше срање: малтретирање, насилство, некомпетентни наставници. Образованието во тоа време за децата од работничката и ниската средна класа не беше сметано за суштинско, дури ни за неопходно. Бевме обучувани да бидеме службеници, како сивиот херој од „Кипс“ на Х.Џ. Велс, приказна за подем од беда до богатство и за саморазвој која ја читавме на школо, бидејќи Велс беше еден од познатите локални уметници. Покреативните момчиња, или оние кои знаеа да цртаат, заминуваа во маркетинг, како што направи и Боуви откако заврши средно, работејќи на кампања за бисквити за слабеење наречени Ејдс (Ayds).

Британскиот поп секогаш произлегуваше од ниската средна класа и од уметничките училишта, а не од универзитетите, од каде доаѓаше сета останата британска култура - театар, филмови, романи. Поп-от секогаш бил подинамичен: децата луди по музика беа бунтовни, гневни и тврдоглави. Секогаш покажуваа отпор кон класите и образованието. Социјалниот хендикеп беше суштински за поп музиката: блесавата толпа деца израснати во мали куќи без централно греење кои јадеа месен нарезок за ужинка, а кои одеднаш почнаа да живеат во огромни вили откако напишаа добра песна.

За среќа школувањето на Боуви не се замеша во неговото образование. Сите ги спомнуваат неговата бескрајна љубопитност, „саморазвојот“ и огромната интелигенција. Откако го прочита епскиот роман на Роберт Хајнлин „Старман Џоунс“ (1953) и собра инспирација од филмови, поезија и голем број уметници на кои им се восхитуваше, тој се изгради себеси и големиот број свои варијанти од голем опсег извори. Како што пишува Оскар Вајлд во „Сликата на Доријан Греј“: „Човекот беше суштество со илјадници животи и илјадници чувства, комплексно суштество во повеќе форми...“

Боуви беше повеќе Дон Жуан отколку Доријан Греј, женска фантазија, а не нарцис. За разлика од Иги Поп или Лу Рид, па дури и од неговиот постар полубрат Тери, тој беше роден весел и никогаш не беше навистина нихилистичен, па дури ни депресивен. Како повеќето од нас, тој беше загрижен да не полуди, но очигледно никогаш не го стори тоа, и покрај големите напори. Беше човек што не можеше да биде засрамен, и сакаше да се мајтапи на англиски начин - ги обожаваше ваквите вицови и телевизиски серии: Лери Грејсон, Питер Селерс, Пит и Дјуд, Офис.

Боуви ништо не оставаше неискористено. Дури и неговиот период на самоуништување изнедри некои од неговите најдобри дела, кои беа неверојатни, истовремено и експериментални и популарни. Ми имаше кажано дека кокаинот речиси го имал убиено на неколку пати, а неговите пријатели морале да го ставаат во када со топла вода за да му ја поттикнат циркулацијата. Сепак, беше секогаш концентриран и никогаш не беше несериозен во однос на неговата кариера. Истовремено и од друг свет и екстремно практичен, кога имаше нов албум правеше еден страшен потег, пуштајќи ви го, и седејќи спроти вас во кимоно со парче хартија пред себе, подготвен на вашите забелешки, барем навидум сигурен дека може да научи нешто од вас.

Се сретнав со Боуви преку заеднички пријател и го прашав дали би можеле да користиме негови песни на саунтракот за адаптацијата на Би-би-си на мојот прв роман, „Буда од предградието“. Тој се согласи, и рече дека исто така има идеи за оригинална музика. Додека ја компонираше, изразив страв дека делови од музиката се или пребрзи или пребавни, не можам да се сетам што точно, а тој побрза да се врати во неговата куќа близу Монтре во Швајцарија, минувајќи цела ноќ во преправање на материјалот. Никогаш претходно не компонирал за филм: сакаше да го направи саундтракот за „Човекот кој падна на Земјата“ но по снимањето беше преисцрпен за да го стори тоа.

Кога ни се родија близнаците Сачин и Карло, Боуви и Иман дојдоа на посета, и донесоа подароци. Таа вечер Пол МекКена (тв водител, хипнотизер и автор на книги за самопомош), кој исто така беше на гости, се обиде да го хипнотизира Боуви за овој да се откаже од пушење. Тој очигледно не сакаше да биде хипнотизиран и не сакаше да го остави пушењето, но се преправаше заради Пол. Се сеќавам како потоа стоевме на скалите од мојата куќа, и како тој ме замоли да му купам цигари. „Ајде да одиме заедно“, предложив. „Ама јас не можам да одам никаде“, рече.

Секогаш праќаше роденденска честитка која ја имаше направено самиот. Беше нашата ѕвезда и го знаеше тоа. Го правеше сето тоа секогаш подготвен да биде херојот кој го сакавме, не музичар во џинс, во маица и со валкана коса, туку ѕвезда која сјае од убавина како Џин Харлоу, Марлон Брандо или Џоан Карфорд, некој кој го живееше сето тоа цело време, и кој никогаш не беше здодевен или обичен.

Секако ќе има уште многу книги за Боуви во иднина. Но во моментов, сè е во оваа. И секој, секаде, кој некогаш слушал поп и играл во својата спална, мора да го слушал, и ќе го слуша Боуви.“

Целиот текст тука

14 август 2017 - 09:37