Субвенција, моја и твоја

Кога ви викавме дека на земjинава кугла нема ништо поглупо смислено од субвенционирање песни кои треба да станат популарни кај народот (види ја статијата "Игра рокенрол цела државна субвенција", април 2013), некои мислеа дека сме пицајзли. Еве нè сега на дереџето кое се вика Црвена боја.

Додуша не сме сигурни дека оваа песна е субвенционирана, ама ако не е, тоа би било крајно нелогично и против сите досегашни правила и искуства.

"Црвена боја" ја изведуваат Тодор Завков (сме го виделе наоколу како гитарист ) и Елена Георгиева (сме ја виделе да пее народни песни, своевремено со многу мерка и усул, да речеме како потенцијална наследничка на Виолета Томовска).

Но, жената се менува, а субвенционираната особено. Во овој спот (кого режисерот го потпишува дури два пати; да се чуди човек) Елена е те моторџика (кожњаци, штикли и соодветни мажјаци) те дама со тон злато на себе, како сопруга на тазе ликвидиран член на Земунскиот клан.

Се говори за Македонија преку симболиката на црвената боја, која, како што тврди текстот е:

- боја со која се пишува историјата;

- боја со која се запишуваат божјите зборови;

- боја на крвта на нашите предци;

- боја моја и твоја;

- боја на Македонија.

За темите слобода и историја, песната ќе ги наведе следниве поенти:

  1. Слобода сме добиле со мудрост и визија.
  2. Историјата нè учи за сè што нè мачи.

Од што произлегува заклучокот:

1 + 2 = 3. Со љубов ќе победиме.

Прц!

Најморничав дел од песната е дека во нашиве планини имало црвени кристали кои се солзи од сонцето. Лежеле заспани. Се разбира и 'булките кои шепотат' се фин момент ама знаеме ние и други растенија кои знаат да му проговорат на човек ако ги конзумира во доволни количини.

Спотот малку планини, малку повеќе СК2014, Елена на балкон како Сeрсеи Ланистер, Тодор го монтирале на некои ливади и му го криват вратот (личниот, не на гитарата) терајќи го да зјапа во дронот.

И сето тоа почнува со поглед врз планетата Земја кој зумира на Македонија. Дека се работи за интелигенција сведочи фактот дека истиот тој поглед, по крајот на спотот одзумира и фаќа џенем. 

До сите овие детали најверојатно нема ни да стигнете бидејќи и вие ќе фатите џенем штом ќе го слушнете халуциногениот вовед:

Крик од публиката:

- Дајте една и за ЖОЛТАТА, нек иде живот!

4 мај 2016 - 21:37