Дали некогаш сте посакале да застанете толку блиску до „Бакнеж" на Климт, или до „Ѕвездена ноќ" на Ван Гог, за со носот да можете да ја допрете површината? Ако сте еден од оние кои уживаат во откривањето и на најситните детали на познатите слики, тоа сега е можно без да патувате до музеите каде тие се чуваат (каде и онака најверојатно би биле спречени премногу да им се приближите).
Арт камерата на Гугл произведува гигапикселна фотографија (составена од милијарда пиксели) од уметничките дела. Системот раководен од робот ја поместува камерата автоматски од детал до детал, сликајќи ги одблиску. За фокусирањето секогаш да е како што треба, камерата има вграден ласер и сонар кој - многу слично на лилјак - користи висока фреквенција за да ја измери оддалеченоста од делото. По регистрирањето на секое парче, софтверот ги зема илјадниците снимки и ги спојува како огромна сложувалка во една единствена слика.
По повод Меѓународниот ден на музеите, Гугл бесплатно ќе стави на располагање неколку од овие камери низ музеи во светот, за да обезбеди дека нивните дела ќе бидат сочувани за идните генерации. Засега тоа е направено со 1,000 слики, меѓу кои оние на Писаро, Сињак (горе), Рембрант, Ван Гог и Моне.
На сајтот на проектот уживајте во зумирањето на „Цветовите од банана" на О'Киф или на иконата на св. Ѓорги кој го убива змејот од 16 век, Музејот на руските икони. Потезите со четка, пукнатините, нерамнините, сето тоа е толку јасно што мислите дека ако го допрете мониторот ќе го почувствувате под прсти.