Во Рованиеми бевме пред повеќе од 20 години, со кола од Оулу. Но оние кои во него слетуваат со авион на „Официјалниот аеродром на Дедо мраз“ не мора дури ни да минат низ градот - тој се наоѓа на неколку километри од неговото „село“, новогодишен Дизниленд отворен преку целата година. Околу 600.000 посетители колку што го посетуваат годишно се сликаат со живите ирваси во „зоолошката“, купуваат мелени рогови од нив (наводно корисни за машка потенција) и не гледаат ништо контрадикторно во тоа што во фрижидерите, веднаш до меките кукли - ирваси - има и сувомеснато направено од овие мили маскоти.
Она што притоа е лесно да се занемари е големата слика и историскиот контекст во кој се наоѓате. Во 1930-тите Рованиеми бил тивок трговски град со околу 6.000 жители. Во 1939 почнува војна со Русија, за во 1940 Финска да влезе во сојуз со Германија во потрага по заштита од руските навлегувања. Германците создале база во Рованиеми, со што бројот на жители двојно се зголемил. Официјалниот аеродром на Дедо Мраз така некогаш бил аеродром на воените германски сили, а бараките се наоѓале точно на местото на туристичкото село.
Кога војната се свртела во корист на сојузниците, Русија побарала од Финска да ги избрка Германците. Кога во октомври 1944 германската армија го напуштала Рованиеми, го запалила градот до темел. Жителите веќе биле евакуирани, главно во Шведска, при што 279 од нив умреле. Уште 200 погинале при враќањето во Рованиеми, од мините кои ги имале поставено Германците. Биле уништени скоро 90% од градот.
Во 1945 Здружението на фински архитекти нарачува од славниот Алвар Аалто да направи целосен урбанистички план на градот. Гледајќи на ова како предизвик, тој не само што направил план за Рованиеми, туку за цел Лапланд, територија голема колку Холандија и Белгија заедно.
Аалто почнал со обнова на градот преку градење на поединечни куќи дизајнирани специјално за климата во регионот, со максимална изложеност на сонце на југо-запад. Предвидел хидроелектрани изградени на големите реки на Лапланд, при што нарачал студии за нивниот ефект врз околината и миркоклимата. Неговиот план ги земал предвид сите нивоа: регионалниот, градскиот и маалскиот.
Естетски најинтересен притоа е уличниот план кој има форма на глава и рогови од ирвас. На постоечката топографија тој ги пресликал овие форми, нагласувајќи ја природната форма на земјиштето. Притоа фудбалскиот стадион, на пример, станало око на ирвасот.
Сето ова во ситуација кога Рованиеми немал пристап до финансиска помош како останатите европски градови погодени од војната. Финците исто така требало да плаќаат репарации на Русија. Сепак, некаква финансиска поддршка тие добиле од Обединетите нации, односно од програма за обнова чиј раководител била Еленор Рузвелт. Кога таа изразила желба да го посети местото, во јуни 1950, локалците набрзинка направиле дрвена колиба близу аеродромот, и ја опремиле со столици дизаjнирани од Аалто. На Американката ѝ рекле дека се наоѓа на Арктичкиот круг (иако реално местото е појужно) и таа му напишала писмо на претседателот Труман, во кое вели дека е првото испратено до Белата куќа од Арктикот. Од тогаш колибата станала туристичка атракција, а нејзините посетители ги вклучуваат Брежњев и израелскиот премиер Голда Меир.
Со развојот на туризмот Рованиеми бил повторно и изграден. Сепак планот на Аалто не е целосно остварен. На пример во предградието наречено Коркалорин тој планирал куќи со големи тераси моделирани според идеите на градското градинарско движење во Британија.
Селото на Дедо Мраз е направено во 1980-тите. Според оригиналниот фински мит, тој всушност доаѓа од Корвантунтури, карпесто место во облик на уво, поради што тој да може да ги слушне желбите на децата од целиот свет. Но проблемот со правење туристичка атракција баш на тоа место е очигледен ако се знае дека тој се наоѓа уште посеверно, а нема ни аеродром. Освен тоа, во Рованиеми има и стари нуклеарни бункери - изградени за локалните жители од министерството за внатрешни - кои денес се подземни забавни паркови, секако тематски поврзани со Дедо Мраз.
Фотографија близу селото, во времето пред селфињата