Букбокс гледаше

„Нечовечки ресурси“ (мини-серија, 2020)

Француска серија продуцирана од Нетфликс во шест продолженија, правена според романот на Пјер Леметр. За нечовечноста на капитализмот, корпоративната алчност, но и за финиот баланс помеѓу правичната реакција на истиот, и „слизнувањето“ во насилство.

„Нечовечки ресурси“ (француски наслов - Dérapages или „лизгања“) е игра со зборови на денешниот стандарден термин за „управување со човечки ресурси“, или некогашно „кадрово“. Дел од компаниите кој се грижи за вработување на квалитетни луѓе, за нивните права и обврски. Но и дел каде што често се случуваат најголемите подметнувања, конфликти, неетички потези, неправични отпуштања, нарушувања на приватност. Секако, сето тоа оправдано со повисока цел - добробит на компанијата, односно на нејзиниот профит и јавен имиџ.

Алан Деламбр има 56 години, од кои скоро четириесет поминал чесно заработувајќи го своето парче багет. Последното вработување му било токму како менаџер на човечки ресурси, но веројатно како комбинација на неговата возраст, непознавањето на англискиот јазик и желбата на неговата компанија за „свежа крв“, тој е отпуштен. Од тогаш се обидува да преживее - ја лаже жена си дека игра карти со другарите кога всушност прифаќа секакви работи во трета смена. Сметките се трупаат, плафонот во станот прокиснува, а Алан е во постојана депресија од мислата дека не е веќе човекот, сопругот и таткото кој некогаш бил.

Во момент на очај се пријавува на конкурс во мултинационална фирма под име Ексија. Пресреќен е кога сфаќа дека и покрај лошо направениот тест сепак го поминал првиот круг. Но вториот е по многу нешта необичен. Наместо стандардно интервју, претседателот на компанијата (низок, џгољав и злобен) ангажира надворешна фирма која треба да симулира заложничка драма. Таа на површина би ги извадила од една страна најлојалните актуелни директори на компанијата (вклучени во „играта“), а од друга најспособниот раководител со човечки ресурси.

Од тука натаму приказната тече со брзо темпо и во неочекувани насоки. Не се сите слоеви подеднакво убедливи и возбудливи, но трансформацијата на главниот лик кој, патем, го игра некогашниот фудбалер Ерика Кантона, е стабилната оска околу која се движи дејството. Тој, и физички менувајќи се во текот на приказната, станува од бунтовник со причина, во подеднакво алчен играч како и оние против кои се бунтува. И ова не може да помине без жртви.

Она на што човек се потсетува после изгледаните епизоди е телопот „Базиран на вистинска приказна“ кој се појавува на почетокот. И, да, колку и да звучи неверојатно, писателот Пјер Леметр врз чија книга е базирана серијата се инспирирал од вистинско заложничко сценарио кое го спровел директорот на маркетинг на France Télévisions, Филип Сантини, на 25 октомври 2005. Тој затворил 12 вработени на семинар во Шато де Романвил (очигледно „пош“ место), а потоа најмил деветмина вооружени лица со маски да влезат во просторијата и да ги заплашуваат вработените, тестирајќи ја нивната отпорност на стрес. Целата приказна е раскажана тука (на француски). Така, Леметр одлучил да го искористи овој скандал за кој нашироко се зборувало во Франција, но сепак ликот на Деламбр и остатокот од приказната е фиктивен.

Има делови од сценариото кои даваат добри насоки во толкувањето на серијата вон површните „трилер-акција“ моменти. Еден се случува за време на судењето на Деламбр, кога неговата адвокатка се обидува да го опише поширокиот контекст на неговата постапка. Асоцирајќи на просветителските идеали и на Жан-Жак Русо, таа дефинира што значи „општествен договор“ помеѓу поединецот и колективот. И дека во овој случај Деламбр е оној кој целиот живот го почитувал, за во еден момент, на залезот од неговите сили, општеството да го прекрши тој договор и да му сврти грб. Сите негови подоцнежни постапки се само резултат на ваквото длабоко разочарување од нанесената повреда. Дали тоа е објаснување, или и оправдување? Дали на насилниот капитализам мора да се одговори со исти такви насилни методи? И по која цена?

Илина, Букбокс

18 јуни 2020 - 11:10