Букбокс гледаше

„Бикини мун“ (2017)

Веројатно немаше подобар начин да се отвори премиерата на новиот филм на Милчо со двете девојчиња од првиот дел на претходниот, „Мајки“. И не само затоа што на тој начин го видовме времето што поминало отелотворено во нив, туку и затоа што „Мајки“ во голема мерка беше предвесник на прашањата кои „Бикини мун“ доследно продолжува да ги истражува.

„Сценарио и режија Милчо Манчевски“.

Одјавната шпица тече. Се реди цела армија имиња, како потсетник за тоа каков проклето голем проект е да се направи филм. Се отвораат вратите од киното, и мракот го заплиснува студен воздух, помешан со мирис на мартовски снег. Милениум е преполн, но никој отпрвин не мрда, ниту му текнува да ракоплеска, како што обично бива на премиера. Не успеваме да бидеме дури ни куртоазни, затечени сме, како тукушто да сме виделе џиновска богомолка. Чија појава истовремено ужаснува, но според митологијата на повеќе народи носи и среќа, и го покажува патот до дома.

Веројатно немаше подобар начин да се отвори премиерата на новиот филм на Милчо со двете девојчиња од првиот дел на претходниот, „Мајки“, оние кои лажеа дека виделе манијак. И не само затоа што на тој начин го видовме времето што поминало отелотворено во нив - сега веќе тинејџерки - туку и затоа што „Мајки“ во голема мерка беше предвесник на она што доследно продолжува да се истражува во „Бикини мун“. Таму трите нарации, две фиктивни и една документарна, течеа одделно, допирајќи се само на концептуално рамниште. Се истражуваа вистината, објективното, стварното, и тенкиот раб кој нив ги дели од самоизмамата и системски наметнуваните лаги. Браната некогаш попушта сама, а некогаш ние свесно ги одвртуваме вентилите, затоа што ни е полесно да живееме како ноеви, со главите во кофа вода.

Осум години подоцна кофите се претворени во океани, во кои над водата се одржуваат само најдобрите пливачи. Пресмешни видеа, НАСЛОВИ ВО КАПС ЛОК, „нема да ви се верува...“, напреден фотошоп, дип фејк и дип шит. Ретките острови на раат се далеку, некаде во Тихиот океан, но дури и таму некогаш била фрлена атомска бомба од 15 мегатона. За денес на знамето на Бикини да пишува: Otejej rej ilo bein anij - „Сè е во божји раце“.

Бикини од филмот е токму такво, брилијантно одиграно трусно подрачје од лик, иако (или особено) затоа тоа што отпрвин не е сосема јасно дали е навистина психијатриски случај со пост-трауматски синдром од војната во Ирак, или само вешта манипулаторка со оние кои наводно сакаат да ѝ помогнат. Но и затоа што целата атмосфера создадена околу неа од страна на „помагачите“, кои се истовремено и сниматели на документарец за нејзиниот живот, го поттикнува нејзиното нестабилно однесување. Таа за нив е „материјал“, content, приказна, која откако еднаш евтино ќе се плати, се експлоатира, продава и препродава. Ако има кој да ја купи.

Така, гледајќи филм за филм за една личност која страда и ние стануваме соучесници во процесот. Како сме придонеле да ѝ биде подобро на некоја вистинска Бикини со тоа што сме платиле карта за да ѝ ѕирнеме под кожа? Дали нешто им смени на бабата и дедото од неименуваното село во Мариово од „Мајки“ затоа што етнолозите ги посетија и ги снимија нивните приказни? Како да се оддели и вреднува вистинското, прагматично сочувство, наспроти лажната, емоционално преплавена емпатија, која останува на кукање и солзи?

Сепак, филмот не е (само) мрачна, одлично сценаристички и визуелно срочена дијагноза на една лицемерна култура (сосе вртоглавиците предизвикани од рачно држените камери), што го прави тежок за сакање од прва. Има и добри луѓе, вели тој, само што се многу збунети и не знаат кој пат да фатат. Притоа, ликови како Бикини, по сите основи маргинализирани, можат да им помогнат, и на некој луд начин тие заедно да го најдат. Оној пат кој води по мокриот и неразгазен снег, до дома.

Илина, Букбокс

Претходно:

Интервју со Милчо за офф.нет: „Кругот е како пита пастрмајлија“

Букбокс осврт за „Мајки“ (2010)

23 март 2018 - 11:13