Гете дислајкс дас

Германски збор на годината е...?

Германскиот издавач на речници Langenscheidt организираше гласање за „Најмладешки збор на годината“. Меѓу првите на списокот има и по некој германски.

Речиси половината од гласовите на жирито кое го сочинувале четиринаесет млади луѓе и новинари отишле кај „бабо", турскиот збор кој значи „шеф", „водач" (во босанскиот и „татко"), а кој во истото значење се користи во германскиот сленг. Зборот станал особено популарен преку хитот „Клинците знаат кој е главен" , Chabos wissen, wer der Babo ist на германско-курдскиот рапер Ајкут Анан, кој настапува под името Haftbefel (Налог за апсење).

На второ место е англиското fame (слава) кој се користи во изразите од типот „Тој е фејм на Фејсбук". На трето место е германскиот збор gediegen, кој значи вистински, достоинствен, но и кул или опуштен. И на четврто место има англиски збор односно израз - in your face - кои германските тинејџери го користат во исто значење како и нивните американски „колеги". На петто место е „хакуна матата", изразот од свахили кој стана популарен со цртаниот Кралот лав и значи „нема проблем/не се секирај".

Шпигел пишува дека „жирито било позитивно изненадено во колкава мера сленгот на денешните млади во Германија е мултикултурен и повеќезначен", а Нирнберг цајтунг својот коментар го почнува со цитат на Салвадор Дали: „Најлошо кај денешната младина е она што веќе не сме дел од неа". Ако возрасните не го разбираат повеќе јазикот на младите, тоа значи дека обете страни добро ја работат својата работа: младите успеваат да се еманципираат, да создадат здрава дистанца помеѓу генерациите, а возрасните можат достоинствено да стареат, наместо да слушаат хип-хоп, не сфаќајќи ни половина од она за што станува збор во текстовите.

Аугсбургер алгемајне пак констатира дека „секоја генерација дала свој придонес кон развојот на германскиот јазик, и дека една земја на доселеници мора такво нешто да издржи, и покрај бунењето на јазичките пуристи.

Langenscheidt го организира гласањето за младешки збор на годината од 2008, кога тој гласеше Gammelfleischparty, што буквално значи „журка на расипано месо". Или што би рекле ние „бал на вампири" - диско забави за „стари" луѓе, ко нас.

Извор: Радио Сарајево

Бонус: Бабо Атиф - Забрањено пушење (поезија) и антологиското „КО ИГРА ЗА РАЈУ И ЗАНЕМАРУЈЕ ТАКТИКУ, ЗАВРШИЧЕ КАРИЈЕРУ У НИЖЕРАЗРЕДНОМ ВРАТИНКУ“

 
29 ноември 2013 - 08:34