Деновиве низ академските кругови почна да циркулира петиција која повикува на преиспитување на природата на научно-истражувачката работа, особено на односот кон неа на оние кои ги креираат политиките во оваа област. Она што ја прави поинаква од досегашните петиции, повици и текстови на оваа тема е што таа обединува колеги од различни научни области од цела Европа, поттикнувајќи ги на заеднички настап во одбрана на суштинската улога на науката во општеството, и запирање на деструктивните политики на нивните влади.
Покрената од истражувачи од различни области - социологија, астрофизика, имунологија - таа вели дека националните тела кои ја регулираат научно-истражувачката област, но и европските лидери, „комплетно го загубиле допирот со реалноста на научната работа", и дека тие во своето незнаење (а кој знае, можеби и намерно) го прават следново:
- Го игнорираат суштинскиот придонес на истражувањето за економијата, особено за оние земји кои се тешко погодени од економската криза. Напротив, тие дополнително наметнуваат драстични буџетски скратувања во оваа област, правејќи ги земјите уште поранливи за идни економски кризи. И сето тоа под будното око на европските институции, кои повеќе се секираат дали земјите-членки штедат отколку за тоа дали тие преку наука можат да го сменат нивниот модел на производство со таков кој ќе се потпира на генерации кои поседуваат знаење
- Го игнорираат фактот дека истражувањето не ги следи политичките циклуси, дека некои работи мораат да зреат со години, не за нашите деца, туку за нашите правнуци. Наместо тоа единствена грижа им е краткорочното држење под контрола на дефицитот
- Го игнорираат фактот дека за обука на истражувачи се потребни време и ресурси. Наместо тоа, користејќи ја како изговор европската директива за намалување на работната сила во јавниот сектор, тие наметнуваат драстични скратувања на бројот на вработени на универзитетите и институтите. Комбинирано со недостаток на можности во приватниот сектор, ова поттикнува „одлив на мозоци", а резултатот е неповратна загуба на инвестиции
- Ја игнорираат критичката синергија помеѓу истражувањето и образованието, кратејќи ги фондовите за истражувања на јавните универзитети, со што тие го губат нивниот квалитет и се доведени во ситуација самите да си ја поткопуваат својата улога на промотори на еднакви можности
- Ја игнорираат улогата на истражувањето кое не треба само да ѝ служи на економијата туку и да ја зголемува социјалната благосостојба, вклучително и за оние кои немаат пари да платат скапо образование
Целиот текст и можност за потпишување тука. Ако мислите дека во моментов имаме поважни прашања за дискусија отколку улогата на науката и образованието за одржливо и социјално правично општество, прочитајте го текстот уште еднаш.