Во 2014 Светската здравствена организација го дефинираше загадувањето на воздухот како „најголема закана по човечкото здравје и по околината“. Соочувајќи се со 6,5 милиони смртни случаи годишно кои се доведуваат во врска со токсичните загадувачи, голем број градови се обидуваат да најдат решение.
Инженерот Анируд Шарма има креативен пристап кон проблемот. Додека шетал низ Мумбаи во 2013, студентот на MIT и „хроничен пронаоѓач“ забележал дека нафтените испарувања од автобусите и автомобилите му прават темни дамки на облеката.
„Помислив: што ако се обидеме да го рециклираме сиот тој материјал кој го загадува светот, и да го искористиме пигментот за да направиме нешто убаво, како мастило“, вели Шарма.
Тој формирал старт-ап под име Гравики Лабс и ги минал последниве три години развивајќи филтер кој може да собере 95% од гасовите кои содржат јаглерод од коли, генератори и фери превозници. Резултатот е Ер-инк, прва светска серија на уметнички производи направени од загадувачи на воздухот. Таа е изработена по успешна кампања за собирање средства на Кикстартер минатиот месец, а се состои од маслени бои, маркери и конзерви спрејови кои во продажба ќе се најдат од јуни.
Во моментов Шарма патува во градови полни смог низ светот, и во соработка со 19 уметници создава билборди и мурали кои ги илустрираат ефектите од загадувањето. Акцијата почнува од Лондон, а проценката е дека доколку 20,000 црни такси возила, колку што има во Лондон, го монтираат филтерот на нивните ауспуси, можа да се исчистат 30 трилиони литри воздух годишно. И притоа да се добијат многу спрејови, маслени бои и маркери за цртање поубава, а не загадена и мрачна иднина. Можеби некоја следна станица ќе им биде и Скопје.
Поврзано: Колку нијанси црно постојат?