"На Боливија и се потребни партнери а не газди," порача Ево Моралес на масовната прослава на 1-ви Мај наредувајќи ѝ на војската да ги стави под своја контрола сите капацитети на шпанската компанија.
Моралес го објасни потегот со борбата на неговиот народ да ги контролира своите природни ресурси а го оправда со тоа што компанијата не инвестирала доволно во Боливија.
Шпанската компанија REE во 2002-ра купи 99.94 проценти од електродистрибутивната мрежа на земјата TDE. Таа управува со 73 проценти од далеководите и снабдува со струја 85 проценти од населението.
Моралес не наведе дали и како ќе бидат компензирани Шпанците но наведе дека е подготвен да разговара за тоа.
На боливискиот претседател Денот на трудот му е омилен ден за вакви потези. На истиот ден пред 2 години национализираше 4 компании од енергетскиот сектор.
Минатата недела и Аргентина спроведе слична одлука, национализирајќи го уделот на шпанската компанија Репсол во националната компанија за експлоатација на нафта и гас.
Аргентинската одлука ги збесна Шпанците кои ги прекинаа односите со Аргентина и започнаа меѓународна дипломатска офанзива против претседателката Кристина Фернандез.
Моралес ја поздрави нејзината одлука и нагласи дека национализацијата во некои индустриски гранки значајно придонеле кон еконoмскиот раст на Боливија.