„Бајдфорд црно“ е пигмент кој се копал во подрачјето помеѓу Велс и Девон во Англија од 18-20 век, а се смета за една од најдобрите црни бои базирани на јаглен, заради неговата мека и кадифена текстура, која дава синкасто-црно. Други црни кои се користеле во овој период биле „коскено црната" (толчена од изгорени коски) која давала топла кафено-црна, маслено црна (добиена од изгорени растителни масла од лампи) и гроздово црна (добиена од грозје и некои видови зеленчук).
Со овој арсенал пигменти со векови биле сликани смртта и злото. Во средниот век црното асоцирало на аскетизам, но во 15тиот во Европа на облека на оние од повисокиот слој, кои имале моќ и привилегии, но истовремено сакале преку црната одора да ја изразат нивната понизност и богобојажливост. Ова го променило доаѓањето на индустриската револуција, и во поглед на технологијата на добивање на црната боја, и во поглед на нејзината симболика.
Во 1840 година Август Хофман екстрахирал анилин од јагленов катран, а еден негов ученик го оксидирал за да создаде темно виолетов пигмент (тн. mauve). Ова го означило раѓањето на сосема нова индустрија: синтетички бои. До 1860 други истражувачи сфатиле дека оксидирањето на анилинот под различни услови создава нов црн пигмент - анилинско црно.
Таа, како и голем број други синтетички органски црни бои, ќе почнат масовно да се произведуваат за печатење и боење на ткаенина. Се создале и нови можности за производство на црно мастило, особено такво за мастилни пенкала и спрејови. Но омилена помеѓу сликарите долго време сепак била тн. „Марс црна", синтетичка неорганска црна боја, односно железен оксид, која подобро легнувала на сликарската четка и побргу се сушела. Таа, на пример, била изборот на Салвадор Дали.
Вистинска револуција кога е во прашање црната во уметноста е „Црниот квадрат" на Казимир Маљевич, прв пат изложен во 1915 - едноставен квадрат прекриен со црно, кој го симболизирал падот на традиционалните вредности, во уметноста но и во општеството, кое рапидно почнало да се менува паралелно со индустрискиот развој. Делото на Маљевиќ инспирирало други апстрактни сликари како Џексон Полок или Марк Ротко, кои користат цел спектар црни бои во нивните слики, трагајќи и по нови. Како што изјавил Полок во 1951:
„Ми се чини дека модерниот сликар не може да го изрази неговото време, авионот, атомската бомба, радиото, низ стари ренесансни форми, или кои било други форми карактеристични за изминати култури. Секое време си наоѓа свои техники".
Така црната почнала да означува негација на материјалното, контемплација и духовност. Таа отворила сопствено ментално поле, „порта кон непознатото". Но тука приказната за црната не престанува - современите уметници се уште трагаат по „најцрната од црните", а кога таа ќе биде пронајдена она што ќе го симболизира може само да се насети.
Горе: Пјер Сулаж „Слика 2009" на која црна акрилна боја формира длабоки бразди, кои личат на површина на Месечината или на такви од тркала на некаква пеколна машина