„Уште 1803 е направена големата експедиција за имунизација на населението во шпанските колонии во Новиот Свет. Имено, Шпанската круна ја организирала познатата Балмис експедиција со цел да се вакцинираат Америка и Филипините“. Вака почнуваше информацијата која со нас ја сподели д-р Никола Пановски, а која послужи како основа за подетално истражување на случајот, кој не е доволно познат дури ни меѓу епидемиолозите и медицинарите.
На крајот на 18 век, во текот на владеењето на шпанскиот крал Карлос IV, голем број членови на кралското семејство се разболеле од големи сипаници. Починале братот и снаата на кралот, како и неговата тригодишна ќерка Марија Тереза. Постапката на имунизација со капнување течност земена од болен од кравји сипаници веќе била позната. Очаен, кралот дозволил таа најпрвин да биде спроведена врз сите дотогаш незаразени членови на неговото семејство, а во 1798, кога веќе била пронајдена вакцината на Џенер, наредил со неа да биде имунизирано и целото цивилно население на Шпанија.
Две години подоцна, епидемија на големи сипаници избувнала во шпанската колонија Нова Гранада (денешна Колумбија). Додуша, вирусот во западната хемисфера бил донесен многу порано, уште во 16-тиот век, а катастрофалните епидемии во следните четири векови предизвикале големи демографски промени. Се смета дека ова е главната причина за пропаѓањето на цивилизацијата на Инките и Ацтеките, чија популација пред доаѓањето на шпанските освојувачи броела 26 милиони, за по само еден век (од 1520-1620) да опадне на 1,6 милион.
Поттикнат од апелите за помош на гувернерот на Нова Гранада, кралот ги собрал своите советници и побарал од нив да смислат начин како вакцината да се пренесе во оддалечените колонии. Претходните обиди за пренос и на помали растојанија со нанесување на материјалот на свилени ткаенини или на парчиња стакло не успевале - ризикот за нивно уништување или деактивација по пат бил голем. Доктор Џозеф Флорес, дворскиот лекар, и самиот по потекло од Јужна Америка, бил оној кој предложил испраќање на корвета во Новиот свет со здрави деца од кои одреден број би биле вакцинирани од сипаници уште на самото поаѓање. Од нив, во текот на патувањето преку океанот, вакцината, односно вирусот, требало да се пренесе од дете на дете. Ова требало да се направи во период не пократок од 4 и не подолг од 10 денови по појавувањето на првите пустули (пликчиња кои се јавуваат на местото на внесување на течноста). Со ова, во отсуство на фрижидери и други сигурни „контејнери“ на вирусот, самите деца станувале жив синџир на пренос - последните заразени требало да го донесат активен во Новиот свет.
30 ноември 1803. Од пристаништето А Коруња испловува бродот Марија Пита, кој со себе носи 22 момчиња-сирачиња на возраст од 4 до 10 години. Раководител на експедицијата е доктор Франциско Хавиер де Балмис, по кого подоцна ќе биде наречена експедицијата, иако официјално таа се водела како „Кралска филантропска вакцинациска експедиција“. На бродот се и негов заменик-хирург, двајца помлади доктори, неколку болничари и само една жена, управничката на Каза де Експоситос, сиропиталиштето од кое биле земени сирачињата. Нејзиното име било Изабел Зендал Гомез (на сликата горе), а таа со себе на патувањето го понела и сопствениот син и се согласила и тој да биде помеѓу носителите. И по пристигнувањето во Новиот свет уште долго време останала со сирачињата, а подоцна била признаена од Светската здравствена организација како прва медицинска сестра на меѓународна мисија.
Вакцината пристигнала во Пуерто Рико на 9 февруари 1804, каде Балмис открил дека властите веќе ја добиле од соседната данска колонија Сент Томас. Од таму експедицијата продолжила во Венецуела, каде биле вакцинирани 12.000 луѓе за помалку од еден месец. Балмис ги обучувал локалните доктори и воспоставил систем кој ќе се користи и во сите други шпански колонии. Вакцината на овој начин пристигнала на Канарските острови, во Еквадор, Перу, Мексико, па дури и на Филипините и во Кина, при што се претпоставува дека биле вакцинирани повеќе од 100.000 луѓе. Бродот со себе носел и научни инструменти, како и голем број отпечатени примероци од „Историја и практични совети за вакцината“ од Моро де Сартр, еден вид водич за нејзино користење.
Територијата покриена од експедицијата била не само огромна, туку и често тешко достапна, со густи џунгли, планини и необележани терени. На некои места членовите биле дочекани со ентузијазам и благодарност, но на други се соочиле со отпор. Тој секако бил оправдан, имајќи предвид дека она од што оваа експедиција вакцинирала всушност било точно истото што самите Европејци го донеле со себе, кога прв пат стапнале на за нив новиот континент. Сомнежот во мотивите бил уште позасилен имајќи предвид дека уште при поаѓањето кралскиот план предвидувал целиот проект да биде надгледуван од католичките власти во колониите, како еден од начините за ширење и зацврствување на нејзината власт.
И покрај ироничноста на „филантропијата“ на мисијата во оваа смисла, несомнена е ингениозноста на потфатот. Само седум години од пронајдокот на Џенер, експедицијата успева да покрие два други континента. Сето ова се случува цели 100 години пред да се открие првиот вирус кај растенијата, 130 години пред откритието на првиот вирус кај човекот, 150 години пред сознанието дека вирусот на вариола и вирусот на вакцинија (оној кој предизвикува сипаници кај кравите) се слични, и 150 години пред формирањето на СЗО. Таа покажува колку скапа, логистички сложена и измачувачка знае да биде секоја меѓународна кампања за јавно здравје, дури и во денешни времиња. И покрај сето ова, податоци за неа нема многу, можеби поради сета етичка сомнителност на потфатот, кој денес би бил незамислив.
Дел од приказната во аудио формат, на подкастот „Фјутилити клозет“