„Ако има век ќе има и лек“. Вака беше насловен текст којшто ни стигна во сандаче, од Петар Чаушевски, читател од Ресен. Со оглед на претходни искуства со добиени предлог-статии кои спомнуваат вакцини, ковид и чипирање, малку е да кажеме дека бевме скептични. Но некаде во вториот пасус стана интересно:
„Како што се зголемува бројот на луѓе кои се вакцинираат против КОВИД-19 така се множат антиваксерите и теоретичарите на заговори чии тези се однесуваат на нуспојавите од примањето на вакцината. Поголемиот број од нив пред појавата на падемијата можевте да ги гледате како зборуваат за тоа дека Земјата e рамна плоча, за посебната крвна група на кралицата на Англија, па сè до тоа дека дека Елвис Присли е жив и одгледува праски во Росоман. Во мноштвото информации обичниот човек е најчесто збунет и доведен во ситуација до него да не допрат последните научни сознанија или пак да биде скептичен во однос на нив. Но целта на овој текст не е тоа.
Јунакот на овој текст е прилепчанецот Коста, и по некоја среќна околност таткото на нашиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.“
Во продолжение следат извадоци од „Автобиографијата“ на Цепенков за тоа како Коста научил да „бележи“ од голема сипаница, како и каде го правел тоа - масовно, во повеќе градови и села во Македонија. Главната идеја на Петар е да покаже дека, за разлика од денес, населението тогаш не одбивало иљач кој можел да спаси живот. Но поттикнати од извадоците, се впуштивме во подетална анализа на автобиографијата, надевајќи се дека во неа ќе најдеме потврда за една порадикална идеја - дека историјата на превенцијата и имунизацијата на овие простори е подолга од она што до сега се претпоставуваше, а е главно поврзувана со отварањето на првата бактериолошка станица, Институтот за тропски болести и Хигиенскиот завод во Скопје во периодот 1921-1927, од страна на д-р Андрија Штампар.
Она што најпрвин сакавме да го направиме е хронолошки да ја лоцираме епидемијата за којашто станува збор во книгата, за што во неа има неколку назнаки.
„Во таа година мислам дека беше џенгот [битката, судирот] со Унгарците во Немечко, чунки стасуваа во Струга некои српски песнарки во кои пишуваше џенгот како се правел со Унгарците и како им дошла руска војска на помош на Австријците, та ги победиле Унгарците“, пишува Цепенков. Веднаш по ова, во нов пасус, тој вели: „Во таа година [значи истата година] беше се појавила големата сипаница во Кичево и во вилаетот Кичевски, па му дојде абер на татко ми од еден пријател да оди таму“.
Поголем судир кој одговара на овој опис е битката кај Перед (денешна Словачка) од 20-21 јуни 1849, во склоп на Унгарската војна за независност, која се водела помеѓу Унгарската револуционерна армија и Хабзбуршката империја помогната од Русија, која, како што забележува и самиот Цепенков, завршила со пораз на Унгарците.
Дека станува збор за средината на 19 век покажува уште една историска референца, неколку пасуса по првата белешка за сипаницата.
„Тамам во 1852 отидовме во град Битола и најмивме еден дуќан [каде продавале дробен тутун]...Не бил касмет да седиме многу чунки во тоа време се отвори кавгата во Севастопол на Русија и Европејците на Турчинот. Се дигна сиот аскер од Битола и отиде во Севастопол. Остана празна Битола и мене ми се секна продажбата“.
Референцата е на опсадата на Севастопол во текот на Кримската војна, која траела од 1854-1855.
Сега доаѓа потешката задача, а тоа е обидот да се реконструира што точно правел Коста Цепенков кога го „бележел“ населението, пред сè децата, од оваа смртоносна болест.
„Во тоа време се појави еден магаровалија [жител на влашкото село Магарево, Битолско]. Штом дозна татко ми му тргна по трагата за да се научи како можи да го каптиса и тој занает. Вака-онака, го каптиса и сипаничарлакот и бележуваше сè додека беше способен да вјава на коњ, да оди по Прилепско, Кичевско, Дебарско, Охридско и по други места.“
„Сипаничарлакот“, со оглед на посебниот термин, значи не била некаква генеричка, туку специфична постапка за оваа болест, која не можел да ја прави секој. Освен физичкиот напор да се стигне и до оддалечени села на коњ, и подолгиот период во кој очигледно се правело ова, за успешноста на постапката пред сè била потребна квалитетна „маја“.
„Следниот ден мене ме даде кај еден терзија, да учам занает и да седам кај него, чунки татко ми ќе шеташе по бележување деца по градот и селата. Сите села ги избележа и бележа околу илјада деца. Ни едно не умре од бележаните деца, и грчкиот владика кичевски, што беше тогаш во Кичево, му даде на татко ми едно шајтнаме (свидетелство), оти најдобра маја имаше и ниедно дете не му умре од тие што ги бележа.“
Во претходен наш текст на тема историја на вакцинацијата во светот пишувавме за вариолацијата, во буквален превод „осипаничување“ или заразување на здрави луѓе со материјал земен од болен или неодамна оздравен пациент од големи сипаници, и тоа на два начина. Првиот е со тн. инсуфлација (вдишување) на прашок направен од исушена течност од пликови, која исцелителот буквално ја дувал во носот на имунизираниот. Втората, и подоцнежна, со инокулација, техника за која се смета дека прв пат е развиена во Турција во 18 век, а се состои од нанесување на течноста од сипаниците со игла на раката на пациентот и тоа со правење на понекогаш и длабоки расекотини за да се биде сигурен дека течноста ќе навлезе во ткивата. Напред до 1796, кога англискиот доктор Едвард Џенер зема течност од сипаници на селанка и го имунизира момчето Џејмс Фибс со неа, по што детево не заболува. Последново денес е дел од официјалната историја на вакцинирањето и на медицината воопшто.
Помеѓу Џенер и Коста Цепенков има претпоставен период од повеќе од 50 години. Македонија во средината на 19 век е во склоп на Отоманската империја, крстосница на војски, трговци и учени луѓе. Скопската трговија е втора по важност во регионот по солунската - трговците носат стока од Истанбул, Виена, па дури и од Берлин. Уште од почетокот на 19 век во повеќе градови во Македонија има „спицерии“ (аптеки) кои се служат со западна, европска фармакопеја, во сопственост на странски аптекари. Но веќе во втората половина на векот се спомнуваат дипломирани аптекари од Македонија (види тука).
Истовремено, од почетокот на 19 век во земјите под Австро-Унгарија, а најблиску до нас во Далмација, веќе законски е воведено вакцинирањето од големи сипаници (види списание Paediatria Croatica тука), кое се правело со кравја „маја“, па оттаму се среќава и под името „навлачење кравокозица“ или „кравињак“. Зошто не би било можно знаењето за имунизација од големи сипаници да стигнало во Македонија по некои од овие патишта до нашиот јунак, Коста Цепенков?
За одговор на ова прашање се обративме до претседателката на Македонската асоцијација за историја на медицината, проф. Елена Јосимовска. Но нејзиниот став беше прилично дециден - дека „бележењето“ било магиска постапка и дека секое друго толкување би претставувало непознавање на историјата на медицината. Спомнува таква техника на „бележење“ со нанесување различни знаци на телото со моров (мастиљав) молив, каков што користеле шнајдерите и другите занаети, за болеста кога ќе ги види да се „уплаши“, што се правело против заушки.
Сепак, оставаме можност Коста Цепенков да правел нешто многу повеќе од магија. Зошто кичевскиот владика (во тоа време дел од официјалната власт) би му давал благодарница на некаков бајач, за постапки кои официјалното христијанство ги смета за богохулни? Што е со „мајата“, која ја нема во верзијата со моровиот молив? И најмногу од сè, магијата никако не се вклопува во поширокиот профил на „еќимот за сиромаси“, Коста, во чија листа на народни исцелувања спаѓале и прилично комплицирани зафати, сите наведени во книгата: лекување на „сараџи“ (отворени рани); ставање сребрен нос на некој воденичар од Крушево откако неговиот го уништила „живеница“ (лепра), лечење рани од огнено оружје, „од куршум од осум драмови“ итн. Толку биле големи постигнувањата на постариот Цепенков, што го барале за да го лечи турскиот аскер, но Коста одбил бидејќи значело да го м’кне семејството онаму кадешто ќе одела војската.
Соговорници родени во 1930-тите и 1940-тите години, па до оние од шеесетите, се сеќаваат дека биле вакцинирани, овој пат официјално, од здравствените власти, со перце (како за пишување, со перодршка), од што и денес имаат лузни. На некој начин и тие биле „бележани“. Дали е можно нешто слично да правел и Цепенков, да вакцинирал од големи сипаници, речиси еден век порано?
Илина, Букбокс
* извадоците се од новото издание на „Автобиографијата“ (Арс Ламина, 2020), споредувано со она содржано во „Материјали и литературни творби“ (книга 10 од собраните дела на Цепенков) издадено од Македонска книга во 1972.