Вариолација во буквален превод значи „осипаничување“ или заразување на здрав човек со материјал земен од болен или неодамна оздравен пациент од големи сипаници (Variola). Најраното документирање на оваа постапка е од 15, од Кина, каде методот за изведување на оваа „вакцинација“ бил следен: докторите земале течност од зрелите пликови на заболениот и потоа ја сушеле, односно ја претворале во прав со толчење. Правта ја врзувале во памучно платно, од него правеле топче, и го ставале во нешто што изгледало како долго луле. Потоа докторот просто дувал во лулето, со што директно го опрашувал носот на пациентот.
По ова здравиот ќе развиел симптоми, но поблаги, и доколку успешно се извлечел од ова, тогаш стекнувал долгорочен имунитет. Секако, и тогаш имало противници на овој во основа ризичен метод - некои од луѓето кои биле намерно заразувани со сипаници умирале. Но сепак, повеќето поминувале лесно, и потоа можеле да бидат раат.
Ова било нарекувано вариолација или инсуфлација (вдишување). Подоцна, ваквата имунизирачка течност не била внесувана преку нос, туку со „инокулација“, техника за која се смета дека прв пат е развиена во Турција некаде во 18 век. Со оглед на тоа што дувањето вируси не било баш хигиенска постапка, тие почнале течноста од сипаниците да ја нанесуваат со игла на раката на пациентот, но не баш нежно, туку со правење понекогаш и длабоки расекотини, за да се биде сигурен дека течноста ќе навлезе во ткивата.
Најголем поборник за внесување на оваа техника во европската медицина не бил доктор, туку една благородничка. Лејди Мери Монтагју била сопруга на британскиот амбасадор во Турција, a денес е најпозната по нејзините писма од патувањата низ Отоманското царство кои се сметаат за прв пример на секуларни дела напишани од жена во врска со муслиманскиот ориент. Таа ја посетила земјата некаде во 1717 и била сведок на примена на техниката.
Ова за неа било важна тема, бидејќи самата била инфицирана со сипаници. Преживеала, но болеста ѝ ја уништило убавината по која била позната, оставајќи лузни по лицето. Се вратила во Британија, но медицинската фела не била подготвена за разговор на оваа тема. Сè додека кралот Џорџ Први не слушнал за ова и не се согласил да направи нешто прилично откачено за тоа време - да спонзорира клиничко испитување за да се види дали постапката е безбедна.
„Кралскиот експеримент“, како што бил наречен, бил изведуван во затворот Њугејт во 1721, а на него се согласиле затвореници осудени на смртна казна. Условот бил - ако умрат, и онака би умреле. Ама ако оздрават ќе бидат пуштени. Сите шест затвореници заразени на овој начин преживеале и биле ослободени. Потоа експериментот бил повторен на 11 деца, вклучувајќи пет сирачиња. И тие преживеале. До 1746 веќе била отворена официјална болница за инокулација. Постапката станала толку популарна што побогатите не само што се подвргнувале на неа, туку плаќале и големи пари за „подготовка“ - цел список нешта што требало да ги преземат пред вариолацијата. Секако, тие биле сосема непотребни дури и опасни (на пример прегладнување), но за докторите ова било извор на добар приход.
Сепак, на овој начин не можело да се имунизира целото население. Она што следело е попознатата страна на историјата на вакцината - која го добила името од „вака“, кравите на кои се појавувале слични осипи како сипаници, но кои не умирале од нив. Селаните кои ги молзеле добивале исти такви на рацете, но не развивале тешки симптоми. Откако се сфатило дека и ова е некој вид имунизација, извесен доктор Едвард Џенер, во 1796 земал течност од сипаниците на една селанка по име Сара Нелмс и со гребење го пренел на 8-годишно дете од соседството по име Џејмс Фибс. По два месеци го изложил детето на тазе сипаници, и тоа не заболело. И покрај етичката контроверзност на постапката, целата работа профункционирала. Последниот активен случај на вариола вера е регистриран во 1977. Денес останува да најдеме крава или „вака“ која ќе ни помогне во борбата против новата болест, Ковид-от.