„Знаеме за само мал број вакви примери, но веројатно мамењето не било толку ретко“, вели Дејвид Гилман Романо, професор по грчка археологија на Универзитетот во Аризона. Сепак, натпреварувачите имале од што да се плашат - закони, заклетви, физички казни, верскиот карактер на игрите, личното чувство за чест, сето ова придонесувало тие да бидат „чисти“.
Тоа не значи дека мамење немало, но тоа било во малку поразличен облик отколку што го замислуваме денес. Некои спортисти се обидувале да ги индиспонираат нивните конкуренти со „клетвени плочки“ (тн. катадесмоси, за кои претходно пишувавме тука), парчиња олово на кои била вгравирана крелтва, превиткани и поставени на подот во соодветен дел од стадионот или во салата.
Од пообичните типови мамења, најчестите биле поврзани со подмитување или нефер игра. Сцена како еден борач се обидува да му ги извади очите на опонентот, истовремено гризајќи го (слика горе), краси еден сад датиран 490 години п.н.е. Овие прикази имале повеќе воспитна улога, да ги опоменат оние спортисти и тренери кои мислеле да мамат, а изработката на вазните и садовите била спонзорирана од древниот Олимписки комитет.
Во 388 п.н.е. во текот на 98-ите Олимписки игри, еден боксер по име Еуполус од Тесалија ги подмитил тројцата негови опоненти да го пуштат да победи. Сите четворица потоа биле строго казнети, а нивната приказна била врежана на четири бронзени статуи на Зевс, како паметник за скандалот и опомена за идните спортисти. Ваквите статуи биле поставувани токму во Олимпија, со парите на оние казнети за мамење на Олимписките игри. Нивните имиња биле напишани на плочки под статуите (од кои денес се сочувани само постаментите).
Но не мамеле само спортистите, туку и публиката. Една жена била фатена како се обидува да следи трка во која учествувал син ѝ, преоблечена во машко. И судиите влегувале во неволји, особено ако биле фатени како местат натпревари во корист на нивниот град-држава.
Модерната Олимпијада покажува колку далеку сме дошле од тие древни времиња. Сепак, факт е дека спортистите секогаш се обидувале да си ја подобрат изведбата не само со тренирање, туку и со полудозволени или со недозволени средства. А публиката пак отсекогаш била гладна за Citius, Altius, Fortius.