„Коренот да ти се сотре", „бел ден да не видите", „да те снема", „името да ти штами"...Ова е само дел од асортиманот желби и поздрави упатени деновиве, кои ја користат познатата фолклорна форма на клетвата. Додека во минатото кај нас тие се пренесувале јавно и усно, во традициите со подолга писменост клетвите обредно се запишувале и закопувале со мртовци, за тие да ги пренесат кај „надлежните органи", на оној свет.
Такви „таблети" или катадесмос-и, се пронајдени во Пела (што ќе рече - Македонија) во 1986, датирани во 4-тиот век п.н.е. (фото долу) Тие се користеле и за љубовна и друга „бела" магија, но и за иницирање штета кај не-ближниот, посакувајќи му болест, лош род, сотирање фамилија, и други реални несреќи кои можат да го снајдат човека покрај празна телефонска батерија.
Клетвите биле впишани на тенки парчиња олово, од кои потоа се правеле свитоци. Биле лесно достапни бидејќи биле вообичаен нуспроизвод од рударењето сребро. Издржливоста на оловото, како и практиката на криење на ваквите таблети во земја, е причината зошто голем број вакви примери се сочувани до денес.
Голем дел од клетвите имаат врска со судски спорови: „Врзи му го јазикот и мислите на тој и тој, за да не сведочи против мене во понеделник". Има и такви чија цел се конкуренти музичари и актери, но и сакани личности, кои доколку ја одбијат понудената љубов треба да исчезнат сами и тажни.
На „таблетите" понекогаш има и неразбирливи зборови од типот на „базагра", „беску" или „беребеску", нешто како магичното „абракадабра", што требало да им даде сила на останатите зборови, и чие значење дури и да било познато не се преведувало.
Вакви пишани клетви не се карактеристични само за древна Грција туку за повеќе културни контексти, меѓу кои и Британија. Во бањата Аква Сулис, на пример, се пронајдени 130 таблети кои се однесуваат на кражба на облека додека „жртвата" се капела. Во древен Рим пак се изработувале „формулари" на вакви написи, со однапред подготвен текст, само празно место за името или имињата кои требало да бидат додадени. „Лиценцираните" проколнувачи секако биле наградувани за оваа услуга.
Кога би требало да напишеме некоја ваква желба на катадесмос, таа би гласела - Да даде Господ раат и мир, за никого да не колнеме, ниту пак некој да нè колне нас.