По две години затворени врати и онлајн тури, повторно отворените музеи во Брисел ќе служат и за нова цел: помагање на оние кои бараат психолошка помош да излезат на крај со стресот, вознемиреноста и депресијата.
Почнувајќи од овој месец, докторите од болницата Бругман, еден од најголемите здравствени центри во Белгија, ќе можат на пациентите да им препишат посета на голем број културни институции со кои управува градот.
„Уметноста им помага на човечките суштества да заборават дека сме смртни“, изјавил психијатар од болницата. „Во текот на пандемијата смртта стана нешто што ве чека пред врата. Сведоци сме како тоа влијае врз менталното здравје“.
Оние со рецепт за бесплатен влез можат да ги посетат подземните патеки во музејот Суер, да ги погледнат текстилните предмети од 16 век во Музејот на мода и тантела, или да шетаат низ Централе, галерија на современа уметност. Во акцијата учествуваат и пет градски музеи. Пилот-проектот ќе трае шест месеци а потоа може да се прошири и на музеите кои се под надлежност на државата.
Брисел не е прв град кој презема ваква иницијатива, иако се верува дека е прв во Европа. Во 2018, неповрзано со пандемијата, зелено светло за слична иницијатива даде Монтреал во Квебек (за што подетално пишувавме тука)