Прошетка низ галериите на Музејот на убави уметности во Монтреал е шанса да се видат дела на Рембрант, Ел Греко и Роден, како и 43.000 артефакти кои вклучуваат, меѓу другото, кинеска керамика и инуитски скулптури. Но нова иницијатива на самиот музеј вели дека ваквата посета на институцијата не е само интелектуално стимулирачко, туку и добро за здравјето.
„Знаеме дека уметноста ја стимулира активноста на мозокот“, вели директорката на Музејот Натали Бондил, „но она што го гледаме е и дека контактот со културата и уметноста може навистина да ја зголеми благосостојбата на организмот во целина“.
Благодарејќи на кампањата членовите на медицинското здружение Лекари-франкофони на Канада од 1 ноември па во тек на една година ќе можат да препишат до 50 музејски „рецепти“ кои на пациентите и на ограничен број пријатели, членови на семејството или негуватели ќе им овозможат бесплатна тура низ Музејот. Без ваков рецепт влезот чини 23 канадски долари или 15 евра.
Ваквите посети се очекува особено да го подигнат нивото на серотонинот, невротрансмитер вообичаено поврзуван со чувството на среќа и задоволство, посебно кај пациенти кои имаат животнозагрозувачки болести, или страдаат од хронични состојби. Секако, ова е само дополнителна активност а не замена за традиционалните методи на лекување. Рецептот е валиден за двајца возрасни и две деца, за да се овозможи и дружење на семејствата.
Ова е прва ваква програма, но истиот музеј е познат по работилниците за уметничка терапија. Освен тоа, институцијата моментално е вклучена во 10 клинички испитувања чија цел е да се процени влијанието на уметноста врз здравјето.