„Она што најмногу го посакував, е да го претворам пишувањето за политика во уметност", изјавил Џорџ Орвел при крајот на животот. Водејќи се од оваа негова максима, основачот и спонзорите на наградата (меѓу кои Ројтерс, издавачот Блеквел и посвоениот син на Орвел, Ричард Блер) секоја година го издвојуваат најдоброто од британското новинарство и пишувањето на политички теми.
Добитникот на наградата за книга е професорот по право А. Т. Вилијамс за неговото истражување на убиството на хотелскиот рецепционер Баха Муса од страна на британските војници во Ирак. Книгата е со провокативен наслов - „Типично британско убиство" (A Very British Killing), a за неа жирито вели дека е напишана во духот на Орвеловото новинарство. Професорот е истовремено директор на Центарот за човекови права во практика, кој „имал храброст да се зафати со случај кој веќе добил голем простор во медиумите, и да го претвори во нешто уште поголемо и пошокантно од она што се мислеше дека е".
Награда за новинарски текстови доби збирката „На линијата на фронтот" (On the Front Line) на починатата американска новинарка Мари Колвин, која пишуваше за британскиот Сандеј тајмс, а во фебруари минатата година беше погодена при ракетен напад во Сирија. Според жирито нејзините текстови „ја отсликуваат состојбата на човештвото и потфатот на тоа страсно да си ја вршиш професијата". Наградените текстови опфаќаат и интервјуа со Јасер Арафат и Гадафи, приказ на нејзиното бегство од руската армија во Чеченија и известувања од 11. септември, Газа и арапската пролет. Во експлозија во Шри Ланка во 2001, додека известувала за граѓанската војна во оваа земја, таа била тешко ранета, и оттогаш носела превез на окото. И покрај повредата таа истиот ден успеала да напише статија од 3,000 зборови и да го испочитува рокот за објавување.
Добитникот на награда за книга изјавил дека иако главната цел на Орвел била да се укаже на злата на тоталитаризмот, сепак во позадината стоела желбата да се разниша рамнодушноста кон страдањето на другите. Токму тоа била и неговата цел со пишувањето на наградената книга.