Нова книга на Рајан од „Офис“

Детска сликовница без слики

Како покрај сите оние 3-Д сликовници кои се натпреваруваат во тоа која повеќе ќе блеска, свири и шушка да ги вратиш децата кон убавиот, смешен и интересен пишуван збор? Напиши книга за нив без слики. Ако функционира, продолжи со порно списанија за возрасни во кои ќе има само текст. И да пропаднеш, колку-толку ќе бидеш концептуален. 

(ШТУРО ВИ Е БЕЗ СЛИКА?)

Бенџамин Џозеф Манали или Б. Џ. Новак, американскиот комичар најпознат по неговите улоги во „Неславни копилиња“ и во американската верзија на The Office, напишал книга за деца која ќе излезе на 30. септември. Ама ова не е само уште еден полу- или не-успешен обид на славен актер, сценарист и продуцент да напише книга за деца, туку навистина јак концепт: сликовница без слики!

Додека целата индустрија на книги за деца од претшколска возраст се базира на што пошарено и поџиџе, по можност да свири, да е 3-Д, да се гребе и да шушка, Новак се враќа на основите на јазикот и зборувањето. Тој ја ослободува нарацијата од сиот тој „барокен" вишок, сведувајќи ја само на гласно читање реченици како „Мојот единствен пријател на цел свет е нилски коњ со име Бу-Бу Бат", која од родителот кој ќе го кажува ова на глас ќе направи навистина смешен лик.

Новак има завршено на Харвард, дипломската му била за филмските верзии на „Хамлет", а до сега има напишано една книга за возрасни под наслов „Уште нешто: приказни и други приказни". Во интервју за Атлантик, тој го објаснува начинот на кој пишува:

Татко ми (писателот и хуморист Вилијам Новак) ми даде добар совет за стенд-ап комедијата: „Го кажуваш она што ти се допаѓа, а го задржуваш само она што ним им се допаѓа". Кога работев на книгава направив една самоделска верзија и ја покажав на голем број деца, плус секогаш ги замолував родителите да ја прочитаат за да видам како природно ќе реагираат.

За мене е важно зборовите да изгледаат интересно и да поттикнуваат. Фонтот кој го одбравме, Sentinel, е чист но има малку текстура, доволно за децата да се запрашаат „Која е оваа буква, кој е овој збор?" Се држев до едноставни зборови и до тоа тие често да се повторуваат, како зборот „не" и зборот „книга". Сакав да им покажам на децата - ова е пишаниот збор, и вие ќе го засакате. Не знам дали културата на текстот е подобра или поважна од визуелниот јазик. Текстот е само код, и најважно е да научите да го дешифрирате. Но нема фундаментална причина зошто тој би бил супериорен во однос на која и да е друга форма, освен што е стандардна толку долго време.

И покрај ваквиот став, опседнатоста со текстовите на Новак е очигледна. Неговиот Инстаграм се вика picturesoftext и содржи исклучиво интересни примероци на текст, на билборди, книги или знаци. Токму оној дел од човечкиот свет за кој се надева дека децата ќе покажат интерес доколку се концентрираат само на нив. Нешто како да го сфатите вкусот на лебот сам по себе, без да мачкате нешто врз него. Особено не маргарин со вкус на леб.

25 септември 2014 - 10:34