Што ако треба да жртвувате еден човек за да спасите петмина? Морална дилема која вели дека треба да убиете за да спасите се базира на едноставна математика - пет е поголемо од едно. И за што и да се одлучите, претпоставката е дека секогаш ќе одлучите исто, без врз тоа да ви влијае јазикот на кој е поставено прашањето. На крајот на краиштата, сакаме да веруваме дека сме конзистентни во придржувањето кон нашиот морален кодекс.
Но психолозите велат дека не е така. Во серија експерименти е покажано дека луѓето кои се соочени со горната дилема многу полесно донесуваат практична одлука („убиј го едниот“) доколку прашањето им е поставено, и доколку тие размислуваат за него, на странски јазик.
„Имаме тенденција да размислуваме за нашите етички одлуки како за нешто што фундаментално нè отсликува", вели Боаз Кејсар од Универзитетот Чикаго, кој е ко-автор на нова студија, објавена во Public Library of Science ONE. „Никој не би помислил дека ваква сериозна работа би зависела од нашиот мајчин јазик. Но ваква спрега постои".
Резултатите се поклопуваат и со претходни истражувања кои покажаа дека донесувањето одлуки зависи од два меѓусебно конкурентни механизми: едниот емоционален и инстинктивен, другиот рационален и пресметлив.
Тимот на Кејсар сега тврди дека луѓето кои мислат на втор јазик се порационални при донесувањето на одлуката - одреден степен на недоволно познавање на некој јазик изгледа дека поттикнува размислување, што пак ги потиснува емоционалните реакции. На испитаниците во стандардната дилема со пет наспрема еден им е прикажан вагон кој забрзано вози по шини, кои во еден момент се рачваат на две, а на вас е да одлучите на која страна - на едната патека се врзани пет луѓе кои сигурно би умреле ако ги удри вагонот, а на другата патека има само еден човек. Но во варијантата на Кејсар експериментот е малку преиначен, и гласи: дали би турнале човек од мост, кој би паднал на шините, и на тој начин би го запрел вагонот, кој инаку би убил петмина?
Од 317 студенти, и машки и женски, сите со еден мајчин и со уште по еден јазик кои го познаваат но кој не им е мајчин (англиско/шпански, англиско/хебрејски, англиско/француски...), 20 проценти донеле практична одлука кога ја прочитале дилемата на нивниот мајчин јазик („турни го човекот“). Но процентот скокнал на 33 кога дилемата била поставена на на вториот јазик.
„Луѓето реагираат 'од стомак' на идејата дека некого можат да употребат како средство за спасување други луѓе. И кога тоа го мислите на странски јазик, инстинктивното се намалува, а на сцена стапува рационалното".
Истиот експеримент бил изведен и на Универзитетот Помпеу Фабра во Шпанија, со 725 студенти кои зборувале и англиски и шпански. Од нив 44 проценти рекле дека би го турнале човекот во смрт кога биле прашани на странски јазик, наспроти само 18 проценти кога биле прашани на мајчиниот.
Но освен што ги презентираат наведените бројки, објаснувањето на истражувачите зошто ова се случува е малку потенко. Но она што секојдневниот живот го покажува појасно од науката, е дека ако ве испцујат на странски јазик тоа не боли толку и не предизвикува толку агресивни реакции во споредба со навреда упатена на мајчиниот јазик. И обратно - полесно е некому да му кажеш „ај лав ју" отколку „те сакам" - како првото да обезбедува некаква емоционална дистанца која те чува од повреда. Истото важи и за „сори" наместо извини, или „тенкс" наместо благодарам. Сè додека со македонскиот стоиш многу подобро отколку со англискиот, сите тие звучат понеобврзувачки и полефтерно.
Останува овие првични наоди да се споредат со други типови морални одлуки, а особено е интересно како разликата во јазиците би влијаела (и како таа влијае) врз судски и медицински одлуки, кои се реални, а не замислени.