Човекот кој го слика океанот, во океанот

Голем број уметници низ историјата биле инспирирани од морињата и океаните. Но методот на Питер Метјуз е малку поинаков - тој остава океанот да ја заврши работата место него.

Метјуз чии дела се продаваат за илјадници фунти, вели дека моментот на инспирација за ваквото негово сликање на океанот дошла откако се соочил со смртта додека сурфал во Мексико во 2007. Тогаш успеал да се спаси од подивените бранови, но не го заборавил катарзичниот момент, кога сфатил дека најдобар начин да се слика големата вода е да си физички во неа.

Тогаш ја заменил даската за сурфање со хартија и платно, и почнал да минува и по неколку часа лебдејќи во вода. Чува алатки за цртање (јагленчиња и пенкала со гел) во капата, а во раката држи парче хартија прицврстено на дрвена плоча, црткајќи додека го носат брановите. Во други прилики користи масло, акрилик и енамел, со кои почнува да работи на платна, кои потоа ги остава крај брегот, за во текот на ноќта брановите сами да ја довршат сликата. Додуша, се случува морето да си ги повлече платната, или врз нив да падне одрон од карпи и земја.

Неговите најнови дела се создадени со помош на бранови на два океана, Атлантскиот и Тихиот, слики кои тој потоа ги поврзува, на тој начин повзувајќи ги двата различни делови на светот и двете океански искуства.

Негово дело под наслов „9 часа во и со Атлантскиот океан“. Буквално.

30 март 2018 - 17:32