Џејмс Холман, британски авантурист, писател и општествен критичар, не бил единствениот кој во 19 век се отиснувал на далечни патувања. Но се разликувал од останатите по еден важен детал - бил сосема слеп!
Роден во Ексетер, Британија, Холмс во 1798, на само 12 години, се пријавил во морнарицата и по неколку години добил чин поручник. Но додека бил на брод во близина на американскиот брег, се разболел од тешка форма на ревматизам која најпрвин ги погодила неговите зглобови, а потоа и неговиот вид. На 25 години тој сосема ослепел.
Со оглед на тоа што неговата состојба била поврзана со службата, тој добил доживотна нега во замокот Виндзор. Сè што требало да прави било два пати дневно да оди на миса. Оваа рутина и здодевност го излудувале, па неколу пати барал отсуство, најпрвин за да изучува медицина и книжевност на Универзитетот во Единбург, а потоа да се качи на брод со кој ја обиколил речиси цела Европа. По враќањето ја објавил својата прва книга „Приказна за пат низ Франција и други предели“ (објавена во Лондон 1822, чиј целосен наслов во оригинал гласи:
The Narrative of a Journey, Undertaken in the Years 1819, 1820, & 1821, Through France, Italy, Savoy, Switzerland, Parts of Germany Bordering on the Rhine, Holland, and the Netherlands; Comprising INCIDENTS That occurred to the author, who has long suffered under a total deprivation of sight; With various points of Information collected on his Tour).
Но ова било само почеток на неговите авантури. Истата година тргнал на неверојатно патување од запад кон исток кое за тоа време било сметано за опасно за кој и да е осамен патник, а камоли за слеп. Минал низ Русија до крајниот исток на границата со Монголија. Таму од царот бил прогласен за шпион и не бил пуштен да оди уште поисточно, туку на сила бил спроведен назад, кон Полска. Се вратил дома и ја објавил „Патувања низ Русија и Сибир“. И оваа, како и претходната книга, станале бестселери, а критичарите го фалеле неговиот „активен и енергичен дух“.
Но дури и ова е скромен опис - Холман бил ураган на храброст, добра волја и шарм. На секое патување тргнувал без план, без знаење на јазикот и без претходно познанство со некого кој живеел во односната земја, намерно, за да ја испита „од прва рака“. Иако бил слеп сакал да посетува знаменитости и да се движи во толпа, на тој начин анализирајќи го социјалниот статус на минувачите, само преку слушањето на нивните чекори. Како што напишал неговиот пријател Вилијам Џерден во книгата „Човекот кого го познавав“: „Тој имаше очи во неговата уста, очи во неговиот нос, очи во неговите уши и очи во неговиот ум, кои никогаш не трепкаат туку се подготвени во секоја прилика да ја извршат нивната функција со неверојатна прецизност и ефикасност“.
Не дека немал проблеми, кои често и самиот ги предизвикувал. Особено ги нервирал службите за обезбедување, кога на пример си седнал на стариот трон на Борис Годунов во Кремлин, или кога мртов-ладен се качил на некој царски топ. Но изгледа неговата бестрашност го чувала, па тој умрел дома, на 70 години, само една недела откако ја завршил деталната автобиографија, која никогаш не била објавена и најверојатно не е сочувана.
Подетално за патешествијата на Холман тука