Човекојадецот од Колорадо

Регионот Сан Хуан во југозападно Колорадо во 19 век бил познат по своите сурови зими. Тие можеле да траат и до девет месеци, а длабокиот снег го оневозможувал патувањето. И покрај ова, богатството со злато и сребро привлекувало многумина кои за грст долари решавале да се изложат на опасноста. Но веројатно ниту еден од нив не очекувал дека може да биде изеден, и тоа од друг човек.

Едно априлско утро во 1874, во местото Ганисон, мала планинска заедница на западната падина на Колорадо од дивината искрснал непознат маж. Бил очигледно исцрпен и дехидриран. Неговото име било Алферд Пакер (иако во изворите често по грешка се среќава како Алфред). Во дивина минал цели 57 денови, најпрвин со петмина други рудари во зимски камп на другата страна на планината. Групата се загубила во голема снежна бура и Пакер, со смрзнати нозе, снежно слепило и крајна исцрпеност веќе не можел да држи темпо. Групата го оставила. Успеал да преживее хранејќи се со растенија и уловени животни. 

Ова била неговата приказна. Но нешто не штимало. Иако делувал уморно, тој сепак бил добро ухранет за човек кој ја поминал зимата во екстремни услови. Плус, платил за пијачка во локалниот бар со грст кеш. Прилично чудно за човек кој веројатно не носел многу пари на нешто што на почетокот требало да биде кратко патување.

Низ гратчето почнало да се вртат муабети за тоа кој е тој всушност и каде му се другарите. По две недели вистината почнала да се наѕира - како што раскажал самиот Пакер, двајца од неговите колеги умреле од глад и биле изедени од преживеаните. Мрачниот циклус продолжил додека не останале Пакер и уште еден човек - Шанон Вилсон Бел. Тогаш Пакер го убил Бел во самоодбрана, покривајќи ги трагите и земајќи „голем дел“ од Бел со себе.

Телата во моментот не можеле да бидат пронајдени, но пролетта, кога снегот почнал да се топи, тие искрснале. Како што известил „Харперс магазин“, на нив постоеле знаци на насилство, кои укажувале на тоа дека „тука бил извршен страшен злостор“. Истрагата покажала дека најверојатно сите биле убиени во сон. Пакер бил обвинет за убиство и испратен во затвор да го чека судењето. Во деновите кои следеле биле откриени уште детали.

Пакер се здружил со голема група копачи со тоа што ги убедил дека го знаел патот низ опасните планини (што не било вистина); дека може да го плати својот дел од храната и другите логистички потреби (и ова било лага); и најважно дека тие можат да имаат доверба во него. До моментот кога групата стигнала во зимскиот камп во средината на декември, на сите веќе им бил преку глава. И покрај предупредувањата да почекаат до пролет, една издвоена група тргнала без Пакер и му рекла дека ќе пука во него ако се обиде да ги следи. Тој потоа го напуштил кампот со помала група, чии членови потоа ќе бидат најдени мртви.

Во затворот тврдел дека тој не убил од ќеф или од корист, туку поради екстремните околности кои подразбирале дека или ќе ги изеде своите компањони или ќе умре. Но дали тој можеби бил само ладнокрвен убиец кој ги измамил останатите? За одговор на ова прашање требало да се чека уште десет години, затоа што Пакер избегал од затворот. 

Кога конечно го фатиле и го извеле пред суд, бил осуден на смрт. Подоцна оваа пресуда била заменета со 40 години затвор. Бил пуштен во 1901 по 18 години зад решетки. Неговата приказна во годините кои следеле била раскажувана како хорор, но помеѓу рударскиот еснаф тоа станало предупредувачка легенда, за човек кој ја издал довербата на своите колеги. Неговата вина, во очите на другите копачи, не била во човекојадството, туку во тоа што не дејствувал за доброто на групата. 

извор

10 ноември 2022 - 16:23