Тој треба во својство на судски вештак да даде толкување на влијанието кое „Нирвана" на Буковски го има извршено врз еден вработен, односно да избере како најрелевантно едно од илјадниците можни толкувања на оваа песна.
ПРАШАЊЕ
Почитуван г-дине докторе,
Јас сум Ива, од адвокатската канцеларија Ива и Иван. Застапувам клиент кој ќе го мине Божик барајќи работа, и тоа заради книжевен прекршок на неговите надредени.
Имено, мојот клиент работеше во приватна фирма на позиција која се сметаше за прекубројна. Директорите наумиле да го отпуштат, него и уште 50 луѓе, но не сакале да исплатат отпремнини. Тогаш почнале да вршат сосема илегален притисок на вработените така што почнале да им праќаат поезија по пат на електронска пошта. Во рок од три месеци, 39 вработени дале оставка, вклучувајќи го и мојот клиент.
Треба да се каже дека се работи за прилично позната и ефикасна стратегија со која се служат голем број големи корпорации како Најк, Амазон и Кока-кола. Во овој случај мојот клиент даде оставка заради песната „Нирвана" на Буковски. Според Законот за поетска постапка, член 6, став 3, оваа песна може да се толкува на начин што зборува за тип кој е крајно незадоволен со бесмислената и секојдневна рутина (мотив број 1, автобус), сака да избега во посреќен свет исполнет со смисла (мотив број 2, 'одмаралиште'), а на крај сепак се откажува и се враќа на рутината (мотив број 1). Исто така треба да се додаде дека, според Дополнувањето на наведениот закон од 2008., член 14, став 2, песната не е можно да се сведе исклучиво на нејзиното буквално значење (sensum litteralem), туку таа вклучува и атмосферични слики (мотиви 3, 4 и 5, 'снег', 'смеа', 'магија') кои дополнително го зголемуваат впечатокот создаден од буквалното значење и ја прават заканата уште поголема.
Главно, мојот клиент ја прочита песната, заклучи дека тој не сака да биде типот кој заминува со автобус, и поднесе оставка со што им заштеди околу 7,000 евра на неговите работодавачи. Ние сакаме да добиеме отштета од 13,000 евра на сметка на отпремнина и душевна болка произлезени како од непријатната работна ситуација, така и од самото читање на тажната песна.
Која е вашата улога во сето ова? На судот не му е доволно толкувањето на песната наведена со законот (бидејки тоа може да се побие со истиот Закон, член 8-10, како и со Амандманот член 10 и 11). Потребни се барем двајца сигурни сведоци кои ќе кажат дека нашето толкување на песната е најисправно. Звучи едноставно, но од 40 луѓе со кои контактирав никој нема идентично видување на песната.
Главно, би ни требале како сведок-експерт, а и за тоа да подготвите втор сведок кој би можел да сведочи во наша корист. За тоа секако ќе бидете и адекватно платени.
ОДГОВОР
Почитувана Ива,
Ваквите случаи за жал се сè почести во денешниот свет, и секогаш ме растажуваат. Проблемот е сеприсутен, а заради традицијата и силното лобирање на поетската индустрија, извршната и судската власт уште не се осудуваат целосно да се вклучат во регулацијата на поезијата и на нејзината употреба. Меѓутоа, доколку злоупотребата на поезијата продолжи со овој интензитет, и таа тема ќе мора да дојде на дневен ред на државните институции.
Воедно ми е жал и заради тоа што не знам колку можам да ви помогнам во својство на судски вештак. Имено, како литеротерапевт запознаен сум со секое од 14,597-те значења кои можат да произлезат од оваа песна. Едноставно, морам да бидам подготвен на какво било толкување на песната за да можам да го лечам секој пациент кој ќе дојде во ординацијава. Но, немам овластување да прогласам некое значење за исправно или 'полегитимно' од друго. Оттаму не можам да сведочам, ни да го подготвам сведокот.
Исто така, како лекар би можел (и би ми било обврска) да му помогнам на вашиот клиент да ги залечи раните произлезени од читателскиот процес. Но, доколку го излечам, вашиот клиент на суд ќе се појави како здрава личност и судот нема да поверува дека се работи за поетско-патолошки случај.
Она што можам да го потврдам е дека оставката е еден извонреден, уметнички чин кој можел да биде инспириран само од друг уметнички чин. Гестот на оставката, поетското образложување на оставката која зазира од деловниот јазик и од послушен став, како и драматичното заминување упатуваат на тоа дека дефинитивно се работи за уште едно уметничко дело. Доколку докажете дека вашиот клиент инаку не е уметник (а би било добро и да покажете дека се работи за сосема некреативна личност), судот секако ќе увиди дека уметничката оставка можела да дојде само како последица на поетски импулс и уметнички заборав на своето секојдневно „Јас" - на што упатува и насловот на песната на Буковски. Докажете го тоа, и сте го добиле случајот.
Д-р Остојиќ
НИРВАНА
без многу к'смет,
сосема без цел,
тој беше младо момче
кое се вози со автобус
низ Северна Каролина
на пат кон некаде
и почна да снежи
и автобусот запре
кај мало ресторанче
во ридовите
и патниците
влегоа
тој седна на шанкот
со останатите,
порача
и храната пристигна.
јадењето беше
особено
добро
и кафето.
келнерката беше
како ниту една жена
која некогаш ја запознал.
таа беше нечепната,
имаше природен хумор
кој извираше од неа.
готвачот кажуваше
луди работи.
мијачот на садови,
во позадината
се смееше,
добра, чиста
пријатна смеа.
младичот гледаше
во снегот преку прозорците.
тој сакаше да остане
во тој ресторан
засекогаш.
чудното чувство
заплива низ него
тоа дека сè
беше убаво
тука,
дека секогаш
ќе остане убаво
тука.
потоа возачот на автобусот
им рече на патниците
дека е време
за тргнување.
младичот помисли,
само ќе седам тука,
само ќе останам тука.
но потоа
стана и тргна по останатите
во автобусот.
го пронајде своето седиште
и погледна во ресторанот
преку прозорецот
на автобусот.
потоа автобусот тргна
следејќи го свиокот,
надолу,
надвор од ридовите.
младичот
се загледа право
пред себе.
ги слушна другите
патници
како зборуваат
за други нешта,
некои читаа
или се обидуваа
да заспијат.
тие не ја имаа
забележано
магијата.
младичот
ја стави главата на една страна,
ги затвори очите,
се преправаше дека спие.
немаше што друго да прави
само го слушаше
звукот
на моторот,
звукот
на гумите
во снегот.
Чарлс Буковски
А кое е вашето толкување?