Англискиот јазик има само 379 милиони природни говорители, но се користи на некое ниво од страна на 1.7 милијарда луѓе. И покрај намалувањето на „меката моќ“ на САД и Британија, популарноста на јазикот не е доведена во прашање. Минатата година Британскиот совет предвидел дека бројот на потенцијални изучувачи на англискиот во Европа ќе опадне за 8.8% или 15.3 милиони помеѓу 2015 и 2025. Но ова нема врска со Брегзит, колку со сè поголемото вклучување на англискиот во училиштата, што ја намалува потребата од курсеви. Од друга страна, во светски рамки пазарот за образование на англиски се проценува дека ќе порасне за 17% годишно, а ова главно се должи на незапирливата глад за него во Азија.
Во меѓувреме 54% од интернет сајтовите се на англиски. Следниот најраширен јазик е рускиот, со 6%. Најпопуларните барања за превод на Гугл се на или од англиски. Него го зборува глобалната академска заедница, и тоа не само затоа што британските и американските универзитети се важни - дури и сите тие да затворат утре, на истражувачите ќе им биде потребен заеднички јазик, а сигурно нема бргу да се договорат за нов.
Истото важи и за политичката заедница. По Брегзит англискиот може да го загуби статусот како еден од работните јазици бидејќи веќе нема да има членки кои официјално ќе го користат. Па сепак правните одделенија на сите тела на ЕУ се договорија дека ќе продолжат да го употребуваат, наведувајќи го прилично „тенкиот“ аргумент дека тој се користи во Ирска и Малта. Тој е исто така „лингва франка“ за сите источно-европски функционери кои никогаш не научиле француски или германски. Тоа значи дека една огромна бирократија и политички естаблишмент ќе комуницира на англиски, без учество на природни говорители.
„Евро-англискиот“ кој трпи необични граматички конструкции и лексика веќе е опишан како одделен дијалект. Оставен без „надзор“ на оние на кои им е мајчин, тој може понатаму да се развие по сосема независен пат, како што тоа го имаат направено англискиот или францускиот во некогашните колонии. Истовремено, ова значи дека Англичаните нема веќе да го „поседуваат“ англискиот во Европа.
Како што вели индискиот лингвист Браџ Качру, во 1980-тите е развиен модел на „три круга“. Првиот, внатрешен е од природни говорители на англискиот, надворешниот се поранешните колонии, а третиот круг се сите останати нации, кои најпрвин го учеа за да комуницираат со првите два круга, но сега главно за тоа да го прават во рамки на сопствениот. Колку и извитоперен англиски да е крајниот резултат.
Види претходно: Бриселски жаргон