Питер и Анемиек немаат потекло од Македонија. Се запознале преку оглас, во кој таа напишала дека е заинтересирана да запознае фино момче, кое ја дели нејзината заинтересираност и љубов за Балканот. Тој пак мислел дека ги знае сите такви луѓе во Холандија. Една култура толку далечна од нивната ги споила.
Заедно патувале низ голем број земји, а таа била секогаш шоферот. По пат често слушале музика и пееле. А онаму каде што застанувале секогаш ги барале продавниците за плочи и „бувљаците“ на кои можеле да се најдат. Но кога збирката почнала да се зголемува се наметнала потреба од нејзино систематизирање, соодветно чување, секојдневна грижа. Истовремено растеле и амбициите да се пронајдат повеќе информации и за изведувачите, но и за контекстот од кои тие доаѓаат - земјите, обичаите, традицијата.
Во моментов збирката Ендендајк брои повеќе од 8500 изданија на народна музика од различни земји. 800 од нив се од Македонија. Главно станува збор за плочи издавани во времето на поранешна Југославија, на кои пеат нашите бардови - Вања Лазарова, Никола Бадев, Васка Илиева. На сајтот на збирката сите тие се претставени со детални податоци, слика од корица, датум на издавање, издавач, димензии и изведувачи.
Во нов документарец во продукција на Види Вака објавен на нивниот ФБ профил Петер и Анемиек зборуваат за нивниот живот и пасија, но и за дилемата што ќе се случи со збирката тогаш кога нив ќе ги нема. Очигледно при крај на трпението, Петер (патем во маица на која пишува „Ракија, конектинг пипл“) ги опишува напорите да се договори со која и да е соодветна институција кај нас околу ова прашање како „удирање мртов коњ“. Притоа тој не само што ништо не бара, туку сака да даде - својата животна колекција, своето знаење, па дури и финансиски средства. Од наша страна, штурци.
„Ќе направам уште еден обид, ако не успеам кревам раце. Збирката е тука, во соседната соба, па ние ќе можеме само да гледаме од горе што ќе се случува со неа“, заклучува резигнирано тој.
А музиката, преубава.
Приказната за уште еден Холанѓанец што ја сакаше Македонија - А. ден Доолард, од подкастот „Обични луѓе“