Чарлс Казиел Блиц бил роден во 1897 во еврејско семејство во Австро-Унгарското царство, каде, како што подоцна ќе се сеќава, „дваесет различни националност се мразеле едни со други бидејќи мислеле и зборувале на различни јазици“.
Во 1938, Блис бил испратен во концентрациониот логор Бухенвалд во Германија, каде низ звучниците ечел јазикот на наци пропагандата, кој истребувањето го претворал во „решение“, а доктрините на геноцидот во „патриотизам“. Така почнал доживотниот интерес на Блис за лингвистиката, кој вклучувал мисија да создаде јазик кој нема така лесно да се прилагоди на волјата на злите луѓе и идеологии.
Благодарение на сопругата, бил ослободен од логорот, по што пристигнал во Лондон како бегалец среде германските напади на градот. Бргу го сменил името во помирољубивото Блис. Но како што војната се интензивирала нему и на сопругата не им бил овозможен постојан престој во сојузничките држави, па тие се нашле во бегалско гето во Шангај, кој во тој момент бил окупиран од Јапонците. Таму Блис се запознал со кинеското писмо, и бил воодушевен од неговата интуитивност, блиска дури и на оној кој не го познава кинескиот јазик. Токму тука тој нашол клуч за писмо кое би му овозможило на човештвото да ги заобиколи оние елементи на јазикот кои него го претвораат во моќно орудие во рацете на шарлатаните и деспотите, и кои предизвикуваат културни и етнички поделби.
Следните седум години тој работел на идеографски (симболички) систем кој требало да ја претставува сета постоечка човечка мисла. Планирани биле и симболи кои би го одделиле мислењето и метафората од фактите. Не смеело да има регионални или културолошки разлики, затоа што крајната цел било да се стави крај на катастрофите предизвикани од јазикот. Плус, системот требало да биде убав и минималистички. На пример брановидна хоризонтална линија значело вода. Симболот за вода, плус стрелка надолу, плус симбол за ѕвезда, значело снег. На блиссимболички, значи, снегулки се паѓачки ѕвезди сочинети од вода.
Сепак, универзалноста на голем број симболи, барем од денешен аспект, може да се доведе во прашање. На пример латинично V напишано обратно значи заштита или засолниште. Овој „покрив“ комбиниран со симболот за маж значи татко; човек кој заштитува. Маж плус жена плус заштита значи семејство. Но има и култури каде ваквиот концепт на нуклеарно семејство не е интуитивен, „нормален“ и „природен“.
Книгата „Блиссимболика“ била објавена во 1949 и не предизвикала речиси никаква реакција. Но набргу Блис дознал дека неговиот јазик се користи во болници за да се подучуваат деца со хендикеп на комуникација. Сепак воспитувачите внесувале измени, односно ги адаптирале симболите согласно регионалните разлики, што според Блис било „перверзија“. Тој започнал кампања и судски процес кој траел цела деценија против болница во Канада која ја вовела оваа техника, за на крај да добие некои 160.000 долари отштета.
Она што го покажал неговиот обид за воспоставување светски мир преку јазикот е дека иако неправдите се потпираат на ова средство за комуникација, тие не постојат само во него, па оттаму и јазикот независно од сето останато не може да излезе на крај со нив. Алатките на идеологијата и моќта не можат да се одделат од јазикот, и покрај добронамерните и опсесивни обиди, како овој на Блис.
Претходно за други обиди за создавање универзален јазик: