Секој оној кој барем малку навлегол во теоријата на музиката сфатил дека таа е специфичен јазик, со свои „граматички“ правила, знаци и значења, кои за оној неупатен во истите може да изгледа токму како странски и неразбирлив јазик.
Но композиторот од 19 век, Франсоа Судре, сметал дека токму таа - музиката - е одлична основа за универзален јазик, кој би овозможил меѓународна комуникација која нема да биде подложна на недоразбирања. Во својата книга la Langue musicale universelle (Меѓународниот музички јазик), или Солресол, тој ги навел правилата на овој вештачки создаден јазик, базиран исклучиво на седумте слогови од западната музичка скала - до ре ми фа сол ла си, и на нивни комбинации. За негово учење сепак не е потребно никакво музичко образование. Всушност тој е многу едноставен бидејќи содржел само 2660 основни зборови: 7 едносложни; 49 двосложни; 33 со три слога и 2268 со четири.
Групирањето на зборовите е согласно нивниот почетен слог, односно „нотата“ на која почнува:
- зборовите кои почнуваат на „до“ означуваат физички и морални својства на луѓето, нивни интелектуални вештини и квалитети, како и храна (пример: домилафа - разум, дофамисол - мудрост)
- зборовите на „ре“: предмети во домот, семејство и домаќинство
(пример: ремисола - соба, ресолмире - метење, ресидосол - семејство)
- зборовите на „ми“: дејства и маани (миламидо - дрдорење)
- зборовите на „фа“: патувања, војна и морнарица (фадомидо - планина, фадофасол - дрво)
- зборови на „сол“: уметност и наука (солдореми - театар, солдомидо - опера)
- зборови на „ла“: индустрија и трговија (ладомифа: работилница)
- зборови на „си“: градови, власт, администрација (сидоредо - град, содофаси - пазар, сиресире - политика).
Женскиот род се означува со акцентирање на последниот слог од зборот, но истовремено тоа значи и множина, што може да доведе и до забуни. Преку акцентирање се дефинира и видот на зборот, дали тој е, на пример, глагол (тогаш е неакцентиран) или апстрактна именка (тогаш е акцентиран првиот слог).
Некои зборови да имаат спротивно значење доколку се променат местата на слоговите. На пример мисол значи добро, а солми лошо; солла секогаш, ласол - никогаш, итн.
Но ова не е сè. Пишаната верзија на јазикот може да биде со букви од абецедата, но и со ноти напишани на петолиние, со бројки (1 за до, до 7 за си), а постои и со посебна „солресол“ стенографија, која ја измислил извесен Винсент Гајевски.
За да биде јазикот тотално универзален, дури и за некој кој е неписмен но барем разликува бои, солресол може да биде претставен и со седумте бои на виножитото, па така еден збор е комбинација на некои од овие бои. Постои и верзија со знаковен јазик, за глувонемите.
Иако Судре изгледа дека предвидел голем број елементи, создавајќи интегриран и ефикасен систем достапен без оглед на возраст, културна припадност и образование, неговата идеја некако не фатила корен. Денес оние кои течно зборуваат и пишуваат солресолски се малубројни, главно поврзани преку интернет. Нам ни е прекул, таа комбинација на различни знаковни системи во еден, во кој не само што тие не се во конфликт, туку и се надополнуваат. Солси, Судре!