„Природните јазици се адекватни, но тоа не значи дека тие се оптимални", вели Џон Кихада, 53-годишен службеник во државниот оддел за моторни возила на Калифорнија. Неговиот интерес за вештачките јазици бил инспириран од есперантото, како и од една плоча на која наишол во локалната продавница како тинејџер во седумдесетите - концептуалниот албум на францускиот прог-рок бенд Магма, на кој сите песни биле испеани на кобејан (Kobaïan), мелодичен вонземски јазик измислен од ексцентричниот пејач на групата, Кристијан Вандер.
Првиот јазик кој го создал бил мбозо, „романско-германски хибрид со фонологија слична на африканската". И сите следни биле мешавина од она што тој сметал дека се најдобри лингвистички карактеристики на различни јазици - од австралиско абориџински, преку јазиците на руските тајги, до индијанските говори на пацифичкиот северо-запад, во кои граматички точната реченица не може да биде формирана без обезбедување на она што лингвистите го нарекуваат „евиденцијалност" (доказност), менување на глаголот на начин кој би покажувал дали зборувате како директен учесник, од нешто што сте го чуле од точно одреден извор или од некое апстрактно рекла-казала.
Во сите овие обиди Кихада имал една лингвистичка, но и поширока цел - „да се обиде да создаде нешто кое луѓето, оставени сами на себе, никогаш не би го создале природно, туку само преку свесен интелектуален напор: идеализиран јазик чија цел е највисок степен на логика, ефикасност, детал и прецизност во когнитивното изразување преку човечки јазик, со минимизирање на двосмисленоста, недоискажаноста, нелогичноста, излишноста, полисемијата (повеќекратните значења) и генералната 'лабавост' која очигледно е карактеристична за природните јазици".
Со еден збор - надјазик, за надлуѓе.
Секако, ова не е прв обид во историјата на идеите за измислување на универзален, ефикасен јазик, кој би ги надминал културните и други бариери. Првиот целосно вештачки јазик се смета дека е Lingua Ignota, создаден од една - жена. Германската монахиња и мистик Хилдегард вон Бинген, создала јазик од кои денес се сочувани илјада и дванаесет зборови, кои се наведени по приоритет, од најважниот Aignonz, Бог, до Cauiz за крикет.
Од тогаш се измислени повеќе од 900 вештачки јазици, но речиси сите згаснуваат набргу по нивното промовирање. „Историјата на измислените јазици е историја на неуспехот", вели Арика Окрент, автор на „Во земјата на измислените јазици". Во седумнаесетиот век и големи филозофи како Бекон, Декарт, Лајбниц биле фасцинирани од начинот на кој природните јазици ја замаглуваат човечката мисла, и фрустрирани од овој факт се прашувале дали еден вештачки јазик би можел да ги надмине неговите ограничувања. „Тој би бил вид генерална алгебра и калкулус на разумот, па така, наместо 'дискутираме' ќе може да кажеме дека дури зборуваме ние 'пресметуваме'", напишал Лајбниц во 1679.
Нашиот Кихада на осумнаесет години се запишал на Калифорнискиот државен универзитет со намера да стане лингвистички антрополог - со часови ги проучувал најегзотичните јазици и нивните чудни граматики. Истовремено почнал да прави белешки за сосема нова граматика за јазик кој подоцна ќе го нарече иткуил (Ithkuil). За жал неговите родители немале разбирање за ваквите интереси, и тој на 21 си оди од дома и почнува да работи како камионџија, често посетувајќи ги книжарниците и запишувајќи ги во текот на патувањата со камионот совршените идиоми во бројни тефтери.
На едно од нив ја прочитал „Метафори со кои живееме" на когнитивните лингвисти Џорџ Лакоф и Марк Џонсон, која вели дека начинот на кој мислиме е структуриран од концепти кои се главно метафорични по природа, како „животот е пат" или „времето е пари". За Кихада ова било откритие - токму оваа карактеристика на природниот јазик е онаа која совршениот вештачки јазик би требало да ја надмине, за да обезбеди јасност и прецизност. Јазик без метафори. Му пишал долго и трогателно писмо на Лакоф, во кое понудил совет и соработка на оваа тема, но тој не одговорил.
Во 2004 Кихада објавил монографија на интернет насловена „Иткуил: филозофски дизајн на еден хипотетичен јазик". Веб страницата содржела речиси 160,000 зборови (?!), заедно со граматиката, синтаксата, и лексиконот на јазикот кој Кихада го создавал претходните три децении во слободното време. Итакуил секако никогаш не бил зборуван од никого друг освен од Кихада, и тој претпоставил дека тоа никогаш и нема да се случи.
Ама..
Првата реакција дошла од руското научно-популарно списание Computerra. Статијата ги забележала големите сличности помеѓу овој јазик и оној вештачкиот создаден од научно-фантастичниот писател Роберт Хајнлајн во неговиот роман „Залив" од 1949. Книгата се однесува на тајно општество на генијалци наречени Нови Луѓе кои се обучуваат да мислат побрзо користејќи јазик наречен Брзоговор (Speedtalk), кој кондензира цели реченици во еден збор. Користејќи го овој јазик за тајна комуникација, Новите Луѓе се подготвуваат да го преземат светот од инфериорните „хомо сапс".
Наскоро по објавувањето на овој текст Кихада почнал да добива реки писма од адреси кои главно завршувале со .ru. Некој софтверски инженер од Владивосток ја презел монументалната задача да ја преведе целата Итакул веб страница на руски. Од една страна Кихада бил пресреќен. Од друга си рекол - кои се бре овие луѓе?
Во 2010 добил мејл на несмасен англиски од некој украински професор Олег Бактијаров, кој се претставил како директор на неодамна формирана институција за високо образование во Киев, наречена Универзитет за ефикасен напредок, и како водечки промотер на филозофско движење наречено психонетика, кое наводно се обидува да го развие човечкиот ум користејќи мешавина на западни и источни идеи.
Кихада е поканет да учествува на конференција под наслов „Креативни технологии: перспективи и средства за развој", во Елиста, главниот град на Република Калмикија, мала полу-автономна држава во Руската федерација на брегот на Каспиското море, позната и по ексцентричниот водач, Кирсан Илјумзинов, олигарх кој троши милиони долари сопствено богатство за од еден заборавен ќош на руската степа да направи шаховски главен град на светот. А да, Илјумзинов тврди дека некогаш бил грабнат од вонземјани кои го прошетале низ вселената и му кажале дека шахот доаѓа од таму.
Кихада оди во Калмикија каде го дочекува уште поголемо изненадување - луѓето собрани таму веќе две години го учат неговиот јазик и одлично ги имаат разбрано, и неговата цел и неговите финеси. Тој е толку трогнат што првата ноќ во хотелот не може да престане да плаче од среќа.
Но...
Нешто како да не е во ред. Собраните воопшто не изгледаат како лингвисти, ниту како некакви љубители на егзотични јазици. Повеќето се крупни, тетовирани и со избричени глави, а и жените стегнати во тесни фармерки, високи чизми и генерално физички спремни, што ги прави да изгледаат повеќе како Амазонки отколку како учителки по странски јазици. Целата работа станува јасна кога преведувачот на Кихада, пребледен, сфаќа дека човекот кој цело време го снима настанот и во еден момент опсесивно почнува да зборува пред публиката за позитивниот трансформациски ефект на психонетиката врз него дур бил во затвор е - украински терорист, основач на милинантната радикално десна организација наречена Револуционерна армија на украинскиот народ, кој минал 9 години во затвор заради поставување бомби во неколку украински политички и културни организации, како и во израелскиот културен центар во Харков.
Но тој не бил единствен учесник на конференцијата со вакви идеи. СИТЕ биле припадници на радикални организации, собрани за да ги анализираат техниките кои, како во споменатиот СФ роман, би требало да ги направат помоќни од „обичните" и да го завладеат светот.
Кихада смрзнал. Сфаќајќи дека неговиот пронајдок му се слизнал од раце, и дека не може веќе да го контролира, одбрал тивко да замине и веќе да не комуницира со овие луѓе. За Бахтијаров кој го поканил на конференцијата подоцна се открило дека се залага за пан-Словенска конфедерација (во која не се споменува Македонија), раководена од интелектуални специјални сили, кои би изродиле „нова раса..која може да се нарече суперчовечка". Кихада кога пристигнал дома му пишал писмо дека не сака да има ништо со неговата псевдонаука, особено затоа што снимките од неговиот настап на конференцијата веќе почнале да кружат на Јутјуб.
Потресен од оваа случка, Кихада решил да го затвори поглавјето со неговиот вештачки јазик. И конечно да ја оствари средбата со неговиот идол - Лакоф. 72-годишниот професор, со опериран 'рбет, го примил во својот дом, со очигледни предзнаења за иткуил, за кого сепак сметал дека е невозможен како замена за природниот јазик. Потребата за метафорично изразување е толку длабоко всадена во човечкиот ум што ниту еден програмски обид не може да го избрише тој факт, напротив секакво одење против него би било насилство, сметал тој. Но на ниво на концептуален уметнички проект бил фасциниран. Тоа го утешило Кихада, кој почнал со други очи да гледа на неговиот животен проект - дека тој може да биде и уметност.
"Eipkalindhöll te uvölîlpa ípçatörza üxt rî'ekçuöbös abzeikhouxhtoù eqarpaň dhai'eickòbüm öt eužmackûnáň xhai'ékc'oxtîmmalt te qhoec îtyatuithaň."
„Привилегиран сум што го имав реткото искуство она што ми е хоби да ме однесе на далечни места на кои сретнав нови идеи и култури и нови народи кои ме почастија со нивното гостопримство и почит, водејќи ме кон понизна интроспекција и ново вреднување на човечкиот дух и чудата на овој свет", му напишал тој иткуил на авторот на текстот во Њујоркер, еден од оние новински бисери.