Меѓународниот систем на типографско сликовно образование (International System Of Typographic Picture Education), или Изотип, е развиен речиси цел век пред инфографиците и визуелизацијата на податоците да станат вообичаени, какви што се денес. Австрискиот социолог, филозоф и социјален реформатор, Ото Нојрат (1882-1945), заедно со неговата девојка, а подоцна сопруга, Мари, се главните промотори на овој визионерски визуелен јазик, кој е присутен и денес низ сите оние знаци кои помагаат за снаоѓање низ јавните простори, како аеродроми или спортски стадиони.
Најпрвин бил познат како Виенски метод на пиктографска статистика, бидејќи неговиот развој почнал во 1926 токму во главниот град на Австрија, односно во Општествено-економскиот музеј, чиј директор бил Нојрат. Таму тој формирал тим чија мисија била да создаде збир пиктограмски симболи кои би можеле да пренесат „густи“ општествени, научни, технолошки, биолошки и историски информации со само еден поглед. Соработник во раната фаза на проектот бил уметникот Герд Арнц кој дизајнирал околу 4.000 знаци, кои симболизирале клучни термини од индустријата, политиката и економијата. Самиот Нојрат, инаку посветен социо-демократски филозоф и економист, припаѓа на ерата на тн. „практичен утопизам“ на модерна Европа, чија цел била образовен и воопшто човечки развој.
Но до средината на 1930-тите атмосферата се променила. Во моментот кога нацистите вмарширале во Австрија, Нојрат избегал за Холандија. Таму ја сретнал својата идна сопруга Мари, и по германското бомбардирање на Ротердам парот избегал за Англија, каде биле интернирани. По пуштањето го формирале Институтот изотип во Оксфорд. Од таму продолжиле да ја развиваат својата уникатна стратегија, која во меѓувреме се раширила и во СССР, Западна Африка и на други места.
Подоцна симболите биле адаптирани и редизајнирани за илјадници употреби, вклучително како ознаки за прва помош, телефон и пошта или пешачки премини. Подзаборавените автори и популаризатори на оригиналните симболи се актуелизирани во книгата на издавачот од Лондон, Хајфен прес, под наслов „Изотип: дизајни и контексти 1925-1971“.