Букбокс друштвени игри: „Катан“ - игра за цел живот

Да познаеш разлика помеѓу некој што игра друштвени игри на ниво на „А, да, имаме дома Монопол“ и на таков што е подготвен да реновира дневна за да има место за редење токени, карти и фигури понекогаш е многу едноставна. Ако „овци, дрво, глина и камен“ му асоцираат не на географија од шесто, туку на „Катан“, тогаш најверојатно е поблиску до втората група, или барем на добар пат да тргне натаму. Затоа што голем број денешни играчи се навлекле на борд гејмс токму поради неа. Денешниот гостин е токму таков пример. 

пишува: Бенџамин Бленкнер 

Сигурно беше 1995 кога прв пат ме воведоа во играта. И тоа непосредно откако излезе. Наш пријател ја добил за Божик, па јас и сестра ми ја пробавме. Прв впечаток: не сум импресиониран. Нема стабилна плоча на која се ставаат човечињата? Како можеш да играш на овие шестоаголни полиња, ако тие можат толку лесно да си ги менуваат местата? Назад кон „Хајмлих и ко.“.

30 години подоцна, тешко е да се сфати колку можат да бидат погрешни првите впечатоци. Набргу после опишаната епизода, играта стана главна во нашето семејство. Таа ме придружуваше на студии и секаде кадешто одев. Дури ја спомнав и на свадба, во мојот говор како кум. Но во што точно се состои фасцинацијата од неа?

Секоја партија Катан е различна. Поставките на плочата се случајни, нешто што до нејзиното појавување беше нечуено. Секако, може да имате развиено афинитет кон одредена стратегија. Си фрлил око на најдолгиот пат и затоа успеваш побргу да си ги развиваш населбите? Или се трудиш да градиш градови и си ја испробуваш среќата со поскришни операции, со купување развојни карти? Без оглед, мапата и твојата позиција на поставување првични населби ти влијаат врз стратегијата во секоја нова рунда. 

Толку за техничките детали. Катан е суров. Катан е правичен. Или барем може да биде таков. На пример, таргетирањето на играчот со најмногу бодови со „крадецот“ отсекогаш било непишано правило. Па сега ти види дали сакаш да водиш уште на почетокот! Морам да признаам. Некои вечери со семејството и пријателите станаа тензични. Катан е к’смет и драма. Базирана на комбинациите на зарови, играта со текот на времето малку го балансира елементот на среќа. Со тек на време! Можеби сте среде таква, среќна низа, па добивате ресурси од сите страни во една рунда. Во следната веќе имате сè. Сте ги зафатиле најдобрите места. Но коцките не паѓаат како што треба. Тогаш почнуваат жалопојките. Ама види ми ги бројките! Ова нема смисла!

Катан е друштвен. Има размена на карти. Земаш ама и даваш за возврат. Каков тип на разменувач си? Сакаш да си вратиш повеќе отколку што си дал? Дали се плашиш дека крадецот може да ти ги преполови картите? Тогаш фрли уште една овца. Ако си елоквентен можеби ќе кандисаш некого дека всушност и не му е потребно тоа едно екстра жито...така сигурно ќе ја изградиш посакуваната населба крај пристаништето означено со дрво. И тоа токму сега.

И после следат финалните „резимиња“ на мечот. Се сеќавам на голем број вакви неповикани раскажувања на играчи (секако и свои), кои завршиле втори или трети. Тие како сакаат сите да знаат што била нивната почетна стратегија, и со тоа да ја докажат својата брилијантност и покрај бедниот резултат.

Kатан е компетитивен. Сè е до победата. Во некои рунди си многу блиску. Но тогаш се паѓа 7-ца, ти пропаѓа половина од картите. Некој краде. Ти ја блокира бројката. Твоите надежи се топат. Но, тогаш! Ѕвездите се редат во твоја корист! Ти се паѓаат два камена, две жита. Со тоа што излегуваш на пристаништето можеш да направиш двете дрва да станат финалниот и одлучувачки камен со кој ќе го изградиш последниот град. Доаѓа твојот ред. Фрлаш. Ох, небеса! Земаш куп ресурси. Има од пиле млеко. Дури и не можеш да ги држиш сите карти, па и не ти ни требаат. Се смешкаш. Повеќе за себе. Или? Широката насмевка ти се познава. Таа уште повеќе се развлекува кога ги забележуваш тмурните лица околу тебе како стануваат уште помрачни. „И сега со трите камења и двете жита, тоа е победнички поен. Готово!“ Успеа! Тоа е осамена победа. Но не ти е гајле. Мрачните лица околу тебе малку се разведруваат. Се поздравувате со „да пукне“. Тензијата исчезнува и сè повторно станува весело.

Спремни сте за следна партија. 

Бенџамин Бленкнер

Види претходно:

„Војна против теророт“

Игри за двајца

„Фотосинтеза“

13 мај 2023 - 09:49