Етел Смит
Еден од најдобрите британски композитори всушност билa жена, од Сидкап, Кент од средината на 19 век. Татко ѝ се противел на нејзиниот интерес за музика, но Смит (на сликата горе) била одлучна и стигнала до Лајпцишкиот конзерваториум. Нејзините композиции вклучуваат дела за глас, пијано и камерни оркестри. Во 1910 се придружила на суфражетското движење а нејзината композиција „Маршот на жените“ станала химна на движењето. Смит добила титула дама во 1922 - првата жена композитор која добила вакво признание.
Тереза Карењо
Пијанистка, пејачка, композиторка и диригентка родена во Каракас во 1853. Таткото на Карењо бил музички образован и ѝ давал часови. Во текот на својот живот таа станала светски позната пијанистка и компонирала околу 75 дела за пијано, хор и инструментални ансамбли, а пеела и улоги во опери.
Маријана Мартинес
Родена 1744 во Виена, Маријана учела пијано кај Јозеф Хајдн, познат по својата строгост. Набргу покажала талент за композиција и земала часови кај дворскиот композитор Џузепе Боно. Се запишала на болоњската Академија Филхармоника и потпаднала под влијание на италијанскиот стил - нејзините композиции вклучуваат два ораториуми на италијански, како и голем број кантати, мотети и миси. Ова е една од нејзините сонати.
Изабела Леонарда
Композиторка од Новара, Италија. Се запишала во манастирско училиште на возраст од 16 години, и останала во манастир целиот нејзин живот. Нејзините дела се главно духовна музика, но таа е првата жена која објавила сонати, како оваа, Sonata duodecima
Елизабет Жакет де ла Гер
Француска инструменталистка и композиторка родена во Париз во 1665, во музичко семејство. Татко ѝ како дете свирел за кралот Луј 14. Како тинејџерка нејзиното образование било организирано од љубовницата на кралот. Откако се омажила во 1684 таа подучувала и настапувала во Париз, а компонирала и опера и балет. Нејзината опера Сефал и Прокрис била првата објавена опера на жена во Франција.
Огиста Браун
Американската композиторка и авторка била родена во Даблин, Ирска во 1820. Кога била дете семејството се преселило преку Атлантикот. Се здобила со слава во средината на 1800-тите како дел од првиот бран композиторки во САД. Сакала да пишува музика која ќе биде приемчива за поширок круг луѓе, а такви се над 200-те дела за пијано и глас, како и бројни химни и духовни дела. Истовремено, била прилично остра музичка критичарка на своето време.
Извор: Класик ФМ