Што е за право, најмногу мерак од сите тројца ни направи присуството на Џон Вотерс, со тоа тетовираните бркови, огромните вештачки заби, и луцидноста на неговите 70 години (подолго интервју со него во Гардијан, по повод ре-издавањето на еден од неговите рани филмови „Многубројни манијаци“ од 1970-тите тука).
Но она за што сите зборуваат по емитувањето на епизодата е караницата помеѓу Морган и австралискиот комичар Џеферис. Кога првиот изјави дека наредбата на Трамп за затворање на границите не била насочена кон муслиманите, Џеферис почна да го пцуе, велејќи: „Ако е така како што викаш - Трамп не го направил ова, не го мислел она - тогаш да му дадеме шанса, пријателе. И Хитлер не ги уби сите Евреи првиот ден, постепено си работеше“.
На страната на Џеферис застанаа голем број славни личности, кои својата поддршка ја искажаа на Твитер. Тоа го направи и Џ.К. Роулинг, авторката на Хари Потер, која напиша: „Да гледаш како некој го пцуе Пирс Морган во живо на телевизија е точно онолку задоволително колку што секогаш замислував“.
Морган не остана покусо, па одоговарајќи ѝ рече дека никогаш не прочитал ни збор од „Хари Потер“, по што следеа уште неколку отровни преписки. На нив се надоврза една книжарница од Лондон, која почна да ја твита „Хари Потер и каменот на мудроста“, од збор до збор, тагнувајќи го во секој твит Морган, така давајќи му шанса барем нешто да прочита од серијата. До скоро такви твитови имаше 208, од вкупно 32.567 потребни за да се иствита целата книга.
Во меѓувреме Роулинг си беше на вчерашното доделување на наградите БАФТА, каде филмот правен според нејзината книга, „Фантастични суштества и каде да ги најдеш“ од 2001 ја доби наградата за најдобар продукциски дизајн. Додуша Морган веројатно не ја читал ни неа.