Вашиот омилен пејач не е реален
За ова пишувавме уште во 2012, претставувајќи ја тогаш новата јапонска „софтвераљка“, Хацуне Мику, виртуелен идол со армија тинејџ обожаватели, особено во „родната“ Јапонија. Таа е уште активна, изгледа исто добро како и пред некоја година, и не забегала како некои од нејзините реални поп-идол колешки. Неодамна објави и ново видео, а почна да снима и дуети, како на пример оној со Фарел.
Но ако ова ви се чини откачено, еве нешто уште по-такво. Рој Орбисон почина во 1988 но неговиот 3Д холограм ќе настапува на светска турнеја, заедно со Кралската филхармонија. Првиот концерт е закажан за 8 април во Кардиф. Ова е прва светска турнеја на холограм на мртов изведувач, иако претходно (и тоа многу претходно) имаше вакви настапи, како на пример оној на Елвис во дует со Селин Дион од 2007, Тупак со Снуп Дог и Доктор Дре на Коачела во 2012, или Мајкл Џексон на доделувањето на наградите Билборд во 2014.
Изведбите во живо ќе станат уште пооткачени
Фестивалските музички искуства од Вудсток 1969 до денес се толку променети што
на прв поглед се чини дека нема каде понатаму да се оди. Но познавачите велат дека виртуелната и надградена реалност, како и 3Д мапирањето, до ова лето можат да станат уште поинтерактивни. Вметнувањето на визуелни ефекти е прилично лудо, и сега овозможува публиката да искусува како е да се биде на сцена со изведувачите, или самата сцена да се манипулира - на пример здрав прав замок, локација на фестивалот, да изгледа дека во еден момент да се руши.
Студиото е лаптоп
Ноел Галагер во интервју призна дека никогаш не си го сретнал басистот кој свири на неговиот нов албум „Кој ја изгради месечината“. Додека првиот бил во Белфаст и Лондон, вториот си седел во Л.А., а двајцата комуницирале преку ај-пед. Најновиот софтвер за правење музика овозможува да се работи на истата песна во реално време во различни градови. Со ова отпаѓаат финансиските маки на патување, изнајмување студио но и на многу заедничко лумпување кое едно време ги следеше снимањата на албумите на големите рок групи.
Директна врска помеѓу тебе и омилениот музичар
Музичарите ги наградуваат своите верни претплатници со ексклузивни изданија во ограничени количества. Но има и други финти - Ди-џеј Граматик неодамна стана првиот уметник кој се „токенизира“, што значи дека неговите фанови кои ќе купат токен користејќи ја криптовалутата Етер можат потенцијално да учествуваат во неговиот иден приход.
Сево ова се верува дека ќе овозможи испраќање на делата од уметникот директно до публиката, при што се одбегнува каква и да е форма на пиратерија. Ова не значи дека магијата на физичките снимки ќе исчезне - напротив. Таа во ера на сеопшта дигитализација си го враќа својот шарм, а поседувањето на физички носител на звук од омилениот музичар станува повисок облик на „фандом“.
Но новата музика нема да биде за секого
Правецот во кој оди музиката во моментов сепак дискриминира, и тоа оние кои немаат пристап до технологија и оние на кои таа им изгледа „студено“ и неповрзано со непосредните искуства на некој да свири пред тебе на гитарче, а ти да можеш или да го гушнеш или да го гаѓаш со кора од банана. Ништо чудно ова да доведе до некое музичко „лудистичко“ движење, некој нов панк, кој ќе се обиде да се врати на корените, на свирки лице во лице, со сиот ризик што тоа може да го подразбира.
Извор: Би-би-си