Хацуне Мику е софтвер, холограм, виртуелен идол со армија тинејџ обожаватели кои го знаат тоа и воопшто не им пречи да и одат на концерти, обично облечени исто како неа.
Напротив, некои од нив велат дека тоа што Мику не е вистинска девојка е супер работа бидејќи не може да забега како некои други идоли од типот на Бритни Спирс. Нормално, се додека програмерите не решат поинаку.
Не само во Јапонија, Мику прави концерти и во околните земји, фанови кои не знаат јапонски на глас ги пеат нејзините хитови заедно со неа.
Речиси секоја корпорација во Јапонија има своја антропоморфна маскота, од телеком гигантот NTT Docomo, кои го имаат Докомодаке, човече во облика на печурка, па до токијската полиција чија маскота е човеколикото летачко глувче Пипо-кун.
Мику се роди како маркетинг алатка. Беше замислена како маскота на Crypton Future Media, кој изработува софтвер за виртуелни инструменти.
Замислена е да има 16 години, да е висока 157 сантиметри и да е тешка 42 килограми. Хороскопски знак не знаеме.