Марс е „Воинот“, Венера „Мирољубивата“, Меркур е „Крилест курир“, Јупитер е „Веселиот“, Сатурн „Оној кој носи старост“, Уран е „Магионичарот“ а Нептун „Мистикот“. Ваквиот опис на планетите на Холст укажува на тоа дека концептот на делото бил повеќе астролошки отколку астрономски (на пример ја нема Земјата; но од друга страна ги нема месечината и сонцето, a се вклучени астролошки нетипичните Уран и Нептун). Секој став е поврзан со идеи и чувства поврзани со влијанието на планетите врз психата. Композиторот бил заинтересиран за хороскопи, им изработувал астролошки карти на своите пријатели и читал книги на оваа тема.
Премиерата била одржана на 29 септември 1918, во последните недели на Првата светска војна во Лондон. Музичарите имале време да ги поминат комплицираните нотни записи само два часа пред изведбата, а хорот за Нептун бил составен од ученици од училиштето за девојчиња Св. Павле (каде предавал Холст). Биле присутни само 250 пријатели и колеги.
Холст во текот на пишувањето на суитата страдал од воспаление на нервите на десната рака, па ангажирал неколкумина помлади колеги да пишуваат додека тој диктирал - ова е очигледно од различните ракописи на оригиналот. И покрај задоволството од премиерата и финансиската поддршка која ја добил од пријател за истото, подоцна тој велел дека „Планети“ добила незаслужено поголемо внимание од голем број други негови дела. Kога во 1930, четири години пред смртта, била откриена Плутон (од тогашните астрономи наречена деветта планета), тој не бил заинтересиран да напише посебна композиција и за неа.
Најинтересен став во негово време за музиколозите и слушателите бил оној за Нептун, едно од првите парчиња оркестарска музика со „фејд аут“ крај. Како што пишувавме претходно во „Мистеријата на музичарот кој ја напушти сцената“, Холст го користи ефектот на дислоцирани музичари, во овој случај два женски хора, кои според неговите белешки треба да се наоѓаат во блиска просторија, со отворена врата до последниот такт, а потоа вратата полека да се затвора додека истата фраза се повторува, но овој пат со ефект на оддалеченост, до целосна тишина.
На 29 септември оваа година, во чест на еден век од првата изведба, Симфонискиот оркестар на Би-би-си во центарот Барбикан имаше изведба на свитата со коментари на професорот по физика и астрономија Брајан Кокс, кои фрлија нова светлина врз дело напишано во време кога малку се знаело за физичката природа на световите музички претставени од Холст.
За него планетите биле само метафори, кои науката барем на прв поглед не ги потврдува. Така, додека неговата Венера е мирољубива, најсветол од сите светови, кој до 1960-тите дури и од реномирани астрономи бил замислуван како тропски рај, руските и американските вселенски летала кои пристигнале до неа прикажале малку поинаква слика - температурата на нејзината површина е повисока од 460 степени Целзиусови, а врз нејзините карпи постојано паѓа сулфурен дожд. Венера не само што не е тропски рај, туку од наш аспект повеќе личи на пекол.
Па сепак, како што објаснува Кокс во текст објавен во Гардијан непосредно пред спомнатата изведба, Венера навистина некогаш можеби била планета со услови за живот, со реки, океани и сини неба. Пред околу две милијарди години, кога на Земјата веќе бил воспоставен живот, ефект на стаклена градина ги „сварил“ океаните и ја истенчил атмосферата, уништувајќи го сиот живот кој можеби постоел на неа. Така, знаејќи го ова, „Венера“ на Холст одеднаш делува поинаку - таа станува реквием за една уништена планета. Законите на природата овозможуваат спонтана појава на убавина, но само како фаза помеѓу креацијата и уништувањето. Потсетник дека планетите, исто како и човечките суштества, се раѓаат и еден ден умираат, и дека токму ваквата ранливост ги прави скапоцени. Исто како и нашата Земја, за која Холст не напишал композиција, но од која ги замислувал сите планети кои музички ротираат во неговата свита.
„Планети“ на Холст ќе биде изведена утре (петок, 12.10) во Македонската филхармонија на концерт со наслов „Хармонија мунди“, а збогатена со визуелизации на небото и планетите.
Делот посветен на Maрс, кој послужил како инспирација за саундтракот за „Војна на ѕвездите“