Му се слоши ли на човекот, или почна да му вибрира мобилниот? Како остана присебен диригентот? Па добро, луѓе сме, ако морал-морал. Или можеби Берлиоз под дејство на тоа опиумот забегал, па ставил таков „театарски“ ефект среде изведбата.
На голем дел од публиката веројатно ѝ беше јасно што се случува, други можеби не ни забележаа. Нам ни остана енигма, па се фативме за работа да ја расчистиме мистеријата.
Точно е дека станува збор за ефект, но не (толку) театарски туку звучен. За тој да се постигне, еден или повеќе инструменталисти (најчесто перкусионисти или дувачи) од симфониски или оперски оркестар свират фраза или цела мелодија позади, над или вон сцената. Ова создава ефект на послаб и „мутиран“ звук кој доаѓа од необично место, и во зависност од намерата дава носталгичен, морничав или друг ефект.
Понекогаш оф-стејџ инструментите се лоцирани на балконите или среде публиката, што дава помоќен звук бидејќи тогаш немa пречки, како ѕидови или врати. Во некои дела, изведувачите ја менуваат оддалеченоста од главниот оркестар при првото и второто „влегување“, при што се создава ефект на оддалечување или приближување на звукот.
Одлуката за тоа каде ќе ги лоцира инструментите (или пејачите) е на диригентот. Кај големи ансамбли можно е со таа издвоена група да диригира втор помошник-диригент. Пред воведувањето на посовремената сценска техника било предизвик да се координираат главниот и издвоениот оркестар, особено ако вторите биле прилично оддалечени и не го гледале добро диригентот. Постои анегдота за некоја од изведбите на увертирата Леонора на Бетовен од почетокот на 20 век - изведбата на издвоениот трубач била оценета како „видлива заради нејзината отсутност“, односно тој воопшто не ни почнал да свири затоа што не го фатил знакот на диригентот.
Во спомнатата „Фантастична симфонија“ оној кој стана - сега сфаќаме - бил обоистот, кој свирел покрај отворена врата, и влегол во дијалог со англискиот рог, кој е на вообичаеното место во оркестарот. Така Берлиоз всушност го доловува пасторалниот дует помеѓу двајца овчари во третиот став „Сцена од полето“. Во нивниот дијалог осамениот и заљубен младич наоѓа утеха, но само за миг. На крај еден од овчарите продолжува со мелодијата (наречена Ranz des Vaches или Кравји ѕвона, традиционална овчарска песна од швајцарските Алпи), но вториот веќе не одговара. Остануваат само тишината и осамата.
Други дела кои користат ваков звучен ефект се „Алпската симфонија“ на Рихард Штраус со 14 оф-стејџ инструменти, Седмата симфонија („Седумте Ерусалимски порти“) на Пендерецки, неколку симфонии на Густав Малер, или „Римските борови пинии“ на Респиги (благодарност до Лада за уточнувањето). Во „Планети“ на Холст, во последниот став „Нептун“ тој користи два издвоени женски хора за да создаде мистериозен ефект. Понекогаш издвоените мелодии на лимените оркестри во оперите воопшто не се запишани со ноти, туку е оставено на диригентот да аранжира музика за нив. Ова во нотните записи е означено само со италијанскиот термин banda.
Ете, затоа обоистот за момент ја напушти сцената. За да нè натера да научиме нешто ново.
Претходно види: „Берлиоз на опиум“