Изобилието на вакви фотки е исклучиво заради чуварите на овие животни во зоолошките, разни циркуси, засолништа (или што и да е) кои ова го овозможуваат со помош на седативи или други штетни пракси.
Како што има (научни и законски) причини зошто не можеш да платиш стотици долари за да храниш бебе тигар или да позираш со лав во најпознатите зоолошки низ светот, така има (финансиски) причини зошто ова можеш да го направиш во поприватните и главно дивтарски „зоолошки“. И тука не станува збор само за засолништа или фарми за тигри во Тајланд и слични нации каде тигар може да се сретне и во дивина, туку за локации сред САД на пример.
Карактеристично за сите нив е сиромашната и речиси непостоечка претставеност на интернет (или лош сајт и Фејсбук, или се почесто само Фејсбук), и евтината цена на влезницата. Вокс наведува еден ваков парк од Ајова, чија Фејсбук страна е преполна со слики од гости како држат млади од големи мачки, и кој наплаќа 5 долари за влезница.
Зоолошка во Буенос Аирес до пред некое време на посетителите им дозволува да хранат лавови и да јаваат мечки за 25 долари. Истото ова во Таман сафари паркот во Индонезија чини само неколку долари, а во Касела паркот на Маурициус галењето гепард и лав се наплаќа 20 односно 25 долари.
Во Тајланд во 2016 во озогласениот Храм на тигрите беа запленети 137 тигри, во замрзнувачите беа откриени лешовите на 40 тигри новороденчиња, а уште 20 беа сместени во тегли со формалдехид. И покрај ова на други локации во земјата се уште е дозволено хранење или сликање со тигри за околу 20 долари. Во Пукет хранење мал тигар и 10 минути играње со него е 40 долари, голем тигар е 31 долар.
Без разлика како оваа забелешка ќе се доживее, важно е таа да не се сфати како апел луѓе да не се фотографираат како галат лавови или хранат мали тигри, напротив треба да се продолжи со фотографирањето, само сите што имаат мерак на вакви работи тоа да го прават под фер услови - во џунгла.