„Ама колку инфекции можат да бидат спречени со затворање на училиштата? До кој степен помага затворањето на границите? Никој не може да каже со сигурност. Ефикасноста на строгите наредби за седење дома, како оние што се на сила во Италија и Шпанија, исто така се целосно несигурни.
Немајќи конкретни податоци за непријателот, единственото нешто што политичарите можат да направат во своето брзање е да експериментираат. Во следните неколку седмици, мерките преземени за борба против коронавирусот и ковид-19 мора да бидат следени и ако е неопходно, адаптирани.
Меѓутоа порано или подоцна ќе ни се постави прашањето колку време вакви вонредни мерки можат да бидат на сила. И уште поважно: што ќе се случува следно,“ е недоумицата на авторите на текстот во германски Шпигел.
Оптимистичкиот исход е дека ковид-19 може да биде сопрен со овие мерки и вирусот да се држи под контрола на долг рок, со многу мал број на нови заразени. Не така оптимиситчките прогнози се дека битката ќе трае многу подолго, а пандемијата ќе се распали и покрај сите преземени мерки.
Проблемот со сите овие предупредувања е што се базираат на модели и пресметки со голем број непознати фактори, кои на долг рок им вршат работа на научниците, меѓутоа не се посебно употребливи за политичарите кои во моментот мораат да донесат конкретни одлуки.
„Имајќи го сето ова предвид, моментално изгледа дека политичарите даваат се од себе за да се подготват за најлошиот можен исход од пандемијата,“ се наведува во текстот.
Тие ја споменуваат студијата составена од тим предводен од епидемиологот Нил Фергусон од Кралскиот колеџ во Лондон, која го поддржува овој песимизам. Пресметките на Фергусон покажуваат дека борбата против вирусот најверојатно ќе се провлекува со години и тоа во неколку истоштувачки фази. Според ова гледиште кризата нема да заврши се додека не биде пронајдена вакцина.
Нивните пресметки и симулации, базирани на последниот попис во Британија, покажуваат дека полу-мерки како карантин само за лицата над 70 години и затворање на училиштата нема да вродат со мерки, туку е неопходно „применување на цел арсенал мерки, вклучително и социјално дистанцирање за сите сегменти на општеството. Во спротивно вирусот ќе продолжи да се размножува до тој степен што голем дел сериозно ќе се зарази и нема да може да добива никаков третман.“ Овој исход важи и за Британија, и за САД и за Германија како земја со исклучително висок просек на кревети на интензивна нега.
Она што и студијата го признава е дека ваков карантин нема да може да се одржи на неограничен рок, па затоа Фергусон предлага повремено олабавување на мерките онаму каде ширењето на вирусот е забавено се додека тој не почне пак да се шири, кога тие би биле повторно воведени.
Студијата на Фергусон во Британија беше клучна за тамошната влада да се усериози околу болеста, а и никој до сега не даде забелешка на експертизата на Фергусон, меѓутоа критичарите забележаа некои контрадикции во бројките.
За истражувачите од Институтот за комплексни системи од Кембриџ, проблемот е во тврдењето дека вирусот постојано ќе се повторува. Според нив Фергусон во својата пресметка не зема предвид една важна контрамерка: откривање луѓе кои биле во директен контакт со заразени поединци. Досегашните искуства се дека нивно откривање во раните фази можат да спречат ланчано ширење на заразата.
Самото однесување на вирусот го потврдува ова, бидејќи тој почесто се шири во мали и затворени кругови: семејство, пријатели, колеги, што значи дека и само нивно следење и тестирање би можело да има силно влијание врз ширењето.
Ова се совпаѓа со тврдењето на американскиот епидемиолог Тревор Бедфорд кој го препорачува јужнокорејскиот пристап, каде блиските на заразените систематски се посетуваат од надлежни, и се тестираат, додека истовремено масовно се тестира и јавноста.
„Ова до сега и овозможи на Јужна Кореја да го држи ниско бројот на смртни случаи без да прибегнува кон комплетен карантин на државата, барем за сега,“ се објаснува во текстот на Шпигел.
Препораката на Бедфорд е дека колку може повеќе луѓе треба да бидат тестирани за присуство на анти-тела против САРС-КОВ-2. Иако овие тестови имаат свои слабости (не вршат работа за откривање на вирусот во раните фази), тие помагаат да се идентификуваат луѓе кои веќе закрепнале од вирусот без да забележат дека воопшто го имаат. Оваа група потоа се води како имуна на вирусот.
Ова има две предности: ќе се добијат многу подобри податоци колку се раширил вирусот незабележано, што е едно од најважните прашања кои немаат одговор; и колкав е бројот на луѓе што се отпорни на вирусот.
Самиот Бедфорд признава дека за ова да се постигне ќе треба многу работа и дека нема гаранција дека тоа ќе успее, „ова е Аполо програмата на нашата генерација“.
Дури и нешто да успее, кривата да се израмни и бројот на заразени да дојде најблиску што може до нула, прашањето е што потоа.
Двете сценарија што ги нуди Шпигел се: штом стане јасно дека има доволно кревети за интензивна нега за сите на кои би им затребале, да се олабават мерките што моментално се на сила. Иако во оваа верзија голем број ќе се заразат, откако ќе ја преживеат инфекцијата ќе има голем број луѓе со имунитет.
Второто е да се искористат сите средства што ги имаш за спречување на ширењето на вирусот. Помалку луѓе ќе се заразат ама нема да има никаков напредок во ширењето на имунитетот. На вирусот нема да му биде тешко да продолжи да се шири откако ќе се олабават мерките, па државата ќе мора да задржи највисоко ниво на претпазливост.
„Резултатот е дилема за која моментално нема решение. Решавање на оваа дилема бара да се имаат податоци за тоа колку луѓе веќе имаат развиено имунитет без да знаат. Експертите веруваат дека бројката е неколку пати поголема од бројот на потврдени случаи,“ објаснуваат тројцата автори.
За да се разрешат од дилеми германски научници моментално се обидуваат да истераат една иницијатива во која во април ќе се земат примероци од крв и ќе тестираат 100.000 Германци. Потоа тие повторно ќе се тестираат на редовни интервали со цел да се мониторира напредокот на пандемијата. Резултат од ова ќе биде појасна слика за тоа до каде е раширена пандемијата меѓу тамошната популација и колкав број од заразените починале.
„Ова ќе го олесни носењето одлуки околу отворањето на училиштата или дозволува за повторно организирање на големи настани. Ако сè оди по план првите резултати треба да бидат готови кон крајот на април,“ се наведува во текстот на Шпигел.
Токму тестирање би можело да даде одговор за високата стапка на смртност од ковид-19 во Италија, каде 10% од сите дијагностицирани случаи завршуваат со смрт, додека во Германија ова е помалку од 1%.
Едно од објаснувањата што го имаат германските научници е дека вистинската стапка на смртност во Италија е далеку пониска, бидејќи има голем број на незабележани инфекции, на пациенти кои на нозе го прележуваат ковид-19 и никогаш не се тестирани за да влезат во крајната статистика. Наспроти нив, секој посериозен случај на ковид-19 е тестиран, и значителен број од овие луѓе умираат од болеста со која дошле.
Навраќајќи се на карантинот, Шпигел го цитира епидемиологот Џон Јоанидис од Станфорд кој тврди дека „драконските мерки за изолација се слепа реакција, тип на медицина која припаѓа на Средниот век“. Иако нагласува дека за сега нема алтернативни мерки, тој верува дека „е апсолутен императив да се расчисти колку вистински е опасен ковид-19.“ Според него најдобар начин да се направи ова е да се следи случаен репрезентативен примерок од населението на подолг временски период. Според Јоанидис, ако се направи тоа дури е можно да излезе дека вирусот не е ништо поопасен од лош сезонски грип.
Целата борба која периодов човештвото ја води со ковид-19, уредникот на журналот Сајанс, ја објаснува на следниот начин:
„Ова не е само како да поправаш авион во лет - ова е како да поправаш авион во лет додека шемата за него се уште се црта“.
На крај Шпигел го споменуваат директорот на Институтот за вирологија од Универзитетот во Бон, Хендрик Штрек, кој повеќе би претпочитал да се почекаше и да се види до каде ќе тера Германија (и вирусот) без објава на масовна изолација.
„Ако секој ден носите нови мерки никогаш нема да видиме што е, а што не е вистински корисно,“ порачал Штрек.