Знаеле за маските и нè лажеле

На здравствените авторитети кои носеа или предлагаа препораки и упатства, уште на почетокот им било јасно дека маските помагаат и се корисни за општата популација. Ама, ете, им било страв да не ги потрошиме брзо.

Луѓе со маски и разно-разни цивилни фереџиња денес се вообичаена глетка но не беше отсекогаш така. Кога заразата почна да го освојува светот а луѓето сè поинтензивно почнаа да се интересираат како можат да се заштитат, доминантниот совет беше дека маските не треба да ги носи раја, дека тоа е бесцелно и дека тие треба да ги користат само медицинските лица, оние кои се заболени од ковид-19 и оние кои се грижат за нив.

Неколку месеци подоцна, маската стана број 1 алатка во борба против заразата. Причина за тоа не се некои нови научни сознанија туку едноставниот факт дека сега маски има доволно.

Водечкиот американски епидемиолог и прв човек во екипата на Белата куќа за борба против короната, Ентони Фаучи, признава дека на почетокот на епидемијата не препорачувале масовно носење маски од страв да не дојде до недостаток на тој материјал во залихите на здравствениот систем.

„Маските не нудат 100% заштита но подобро е да се носат отколку да не се носат. И за човек да не заразува луѓе во своја близина ако се чувстува добро но го има вирусот во себе и за да се заштити себе од луѓето кои со дишењето, зборувањето, пеењето, кивањето или кашлањето го пуштаат вирусот во воздух. Значи, да, маските, функционираат,“ мудрува сега Фаучи потсетувајќи дека освен маските, не смее да се заборави и на физичкото растојание.

Се правда дека во тоа време залихите биле недоволни а сакале заштитна опрема првествено да има за оние во првите редови во борбата против коронавирусот.

Која и да била причината, лажење си е лажење а луѓето, слушајќи ги авторитетите, наместо по маски кои ќе помогнеа, се здадоа во будалести набавки на тоалетна хартија.   

 

19 јуни 2020 - 09:14