
Марија Брањас Морера живеела во Шпанија речиси 110 години. Преживеала две светски војни, Шпанската граѓанска војна и две пандемии - на Шпанскиот грип и на ковид-19. Во 2020 година се заразила со ковид и била најстар пациент во светот, но немала никакви симптоми. Единствените здравствени проблеми што ги имала во длабоката старост биле болки во зглобовите и губење на слухот.
Кога лани починала на возраст од 117 години, нејзината биолошка возраст всушност била 94 години, утврдил тимот шпански научници по анализата на генетските траги и физиологијата. Рецептот за долговечноста, според нив, бил строгото придржување до медитеранската диета и редовното конзумирање пробиотски јогурт три пати на ден.
Имала многу добро организиран појадок, ручек и вечера и сето тоа вклучувало јогурт десет години. Била блиску до своето семејство во дом за стари лица во истиот град. Не сакала храна со многу масти и шеќери, не пиела алкохол, а најмногу сакала јогурт, наведуваат авторите на студијата.
Брањас, која се родила во САД и починала во североисточна Шпанија, наследила добри гени од своите родители. Но, за да префрли стотка и притоа да остане здрава, поважна улога имала исхраната. Нејзиниот омилен млечен десерт бил локалниот каталонски пробиотик La Fageda, кој содржи големи количини здрави бактерии, како Lactobacillus delbrueckii bulgaricus и Streptococcus thermophilus, кои му помагаат на телото да се бори против воспаленија. Пребиотска улога имал појадокот - смути со осум различни житарки.
Покрај јогуртот, таа внесувала големи количини на растителни влакна, што е добра храна за напредување на корисните бактерии во цревата, изјави авторот на студијата, Елој Сантос, докторант на Институтот за истражување на леукемија „Хозеп Карерас“.
Консумирањето и на пребиотици и на пробиотици во нејзината медитеранска исхрана можеби придонело за големата доминација на Bifidobacterium во нејзините црева. Научниците заклучуваат дека ова придонело за здравиот метаболизам и за драматично забавување на биолошкото стареење.
Дневникот за нејзината потрошувачка на храна послужил како основа за студија на медитеранската исхрана, која е богата со зеленчук, овошје, јаткасти плодови, семки, маслиново масло и малку живина и јајца, без преработена храна и црвено месо. Многу досегашни студии ги потврдуваат здравствените придобивки од оваа диета, вклучувајќи подобрување на здравјето на срцето, поздрава тежина, заштита на мозокот и когнитивната функција и намалени воспаленија. За Брањас се смета дека диетата ѝ помогнала природно да има низок холестерол.
Резултатите ни помогнаа да идентификуваме фактори што можат да им помогнат на многу постари луѓе да живеат подолг и поздрав живот. На пример, идентификувавме одредени гени што се поврзани со здрава долговечност и затоа можат да бидат нови цели за развој на лекови, изјави Манел Естелер, еден од авторите на студијата.