Првиот бран на отворање во САД заврши со втор бран на затворање и рестрикции, а процените на научниот магазин Саентифик Американ е дека не треба никој да се залажува и дека вирусот без губење здив ќе продолжи да се шири се до вадење на вакцина. Од Саентифик Американ се навраќаат на почетоците на пандемијата, кога голем број политички и бизнис лидери ја потценуваат сериозноста на болеста заради што дел од јавноста ја девалвира опасноста од ковид-19 на нешто полоша од обична настинка.
„Ваквата почетна претстава го бетонираше нивното убедување за заканата што ја претставува ковид-19. Во неврологијата и бихејвиоралната економија, научниците како мене ваквиот првичен впечаток го нарекуваат ’сидро’.
Нашиот ум прави опасно погрешна процена наречена фокализам, при што им дава преголем кредит на првичните информации што ги добива за одредена тема а остатокот од информациите ги перципира преку филтерот на таа првична импресија.
Тоа значи дека како што стануваат достапни нови информации за опасноста од ковид-19, луѓето и понатаму остануваат врзани за нивните првични импресии. Тие не се подготвени да го променат своето размислување кога се соочени со нови докази,“ пишува Глеб Ципурски во Саентифик Американ.
Најочигледен пример за ова е носењето маски. Првично американското ЦДЦ (и глобалните здравствени власти) тврдеа дека нема потреба од носење маски за да се заштитиш од ковид-19. Со тек на време, како што се таложеа научни докази (и залихи на маски) дека има потреба од маски, ЦДЦ ги промени своите насоки и почна да алармира дека маските се неопходни.
„Така функционира науката: промена на доказите резултира со промена на насоките.
Меѓутоа нашиот мозок не функционира така, барем не за оние што не се обучени за критичко оценување на доказите,“ пишува Ципурски.
Како резултат на ова голем број од американската популација (а и глобално) не ги почитуваат новите насоки за носење маски, посебно ако истите не се почитувани од високи авторитети (пример Трамп).
Друг идентично проблематичен ментален развој е наклонетоста кон нормалност, односно нашето несвесно чувство дека на краток или долг рок (следните неколку години) работите ќе се вратат како што биле во минатото, односно - пак ќе бидат нормални.
Заради ова масовно се потценува можноста за нова катастрофа, па наместо напорите да бидат насочени кон подготовка за пост-шоковите и продолжено траење на катастрофата, тие се насочени кон што побрзо враќање кон нормалата.
Процената е дека какво било стишување на пандемијата нема да има се до вадење на вакцина. Без разлика што во моментов многу наука и многу пари работат на откривање на вакцината, Ципурски смета дека до летото 2021 нема да имаме вакцина одобрена за масовно користење. Дури тогаш таа ќе треба да почне масовно да се произведува и дистрибуира меѓу најранливите групи, а само за да се покријат 100 милиони од најзагрозените Американци (30% од населението) ќе бидат потребни месеци производство.
„Плус на ова треба да се има предвид времето потребно за дистрибуција и вакцинирање на луѓето, како и справување со анти-ваксерите, што значи треба да се додадат уште неколку месеци. Сето тоа нè носи до почетокот на 2022 со крајно оптимистички тајмлајн.
Но имајќи предвид дека многу мал процент од сите вакцини ги минуваат сите тестови, не треба да очекуваме дека ќе бидеме толку чудесно среќлии, тука имајќи предвид неприфатливи нуспојави или недоволна ефикасност. Многу пореално е дека дури 2023-24 ќе имаме доволно безбедна и ефикасна вакцина.
Е, оваа информација беше позната уште во февруари. Но, наклонетоста кон нормалност направи да биде многу тешко за нас да замислиме дека нашиот свет толку брзо може да биде превртен наопаку. На почетокот од 2020 беше екстремно непријатно за политичките и бизнис лидери, и за обичниот граѓанин, дури и да помисли дека до почетокот на 2022 - а пореално 2024-25 - со помош на неверојатна среќа, ќе може да очекуваме да го сотреме ковид-19. Ова е и покрај јасните изјави од најдобрите светски научни експерти.
Пристрасноста кон нормалност, фокализмот и емотивноста се три од над сто ментални мртви агли што когнитивните невролози и бихејвиоралните економисти како мене ги нарекуваме когнитивна пристрасност, што прават да носиме лоши одлуки во области од професионален живот до шопинг избор,“ пишува Ципурски.
Тоа што тој го дава како лек за овие карактеристики, е дека прво треба да се соочиме со фактите, што значи дека треба да сфатиме дека ковид-19 кој за неколку седмици во февруари и март го преврти светот наопаку нема да исчезне во скоро време.
Второ, да разбереме дека секој од нас е жртва на когнитивна пристрасност, и треба да сме свесни за болката што со тоа си ја причинуваме сами на себе.
Трето, реалистично да го земеме предвид долгорочното влијание, и во плановите за иднина да ја вклучиме веројатноста за големи нарушувања на секојдневието.
Одјавната порака на Ципурски е: „па, подгответе се за бранови на рестрикции и опуштања на рестрикциите уште долго време, посебно бидејќи е веројатно дека коронавирусот есенва ќе се влоши.“