Вадат глифосат од најкористениот хербицид, ќе трујат со друг отров

По лавината критики, тужби и платени милионски отштети за предизвикан рак, фармацевтскиот гигант Баер почна да ја отстранува озлогласената состојка глифосат од најпопуларното средство против плевел во светот Roundup, што го презеде со купувањето на Монсанто. Го заменува со верзија на хербицидот паракват, кој е 28 пати потоксичен и кој е забранет во 70 земји. Не и во САД.

На местото на глифосат во Roundup сега се додава хербицидот дикват. Нова анализа од истражувачи во Кина сугерира дека алтернативата е исклучително штетна за здравјето и во некои концентрации може да предизвика неповратно оштетување на органите.

Дикватот е близок роднина на паракватот - хербицид што е 28 пати потоксичен од глифосатот и кој е забранет во 70 земји. Глифосатот првично беше воведен како побезбедна алтернатива на паракватот но се покажа дека и двете хемикалии се исклучително штетни. 

Како и паракватот, дикватот е многу токсичен, поради што при ракувањето со него се налага да се користи заштитна опрема. Иако испитувања покажале дека дикватот потешко се апсорбира во белите дробови, тој може да ја оштети кожата, а голтањето е сериозен ризик.
Европската Унија го забрани дикватот од 2018 година поради висок ризик за земјоделците, жителите и случајните минувачи. Забранет е и во Швајцарија и во Британија, но ни паракват ни дикват не се забранети во САД.

Иако дикватот покажува помала акутна токсичност во споредба со сродниот хербицид паракват, тој сепак претставува значителна закана за екосистемите поради неговиот потенцијал за биоакумулација и долгорочна перзистентност во почвата и водните тела, објави научен тим од кинеската Централна болница во Суининг, кој анализирал извештаи за акутни труења и студии спроведени на животни.

Аутопсиските студии на оние кои починале од труење со дикват сугерираат дека ја ослабува обвивката на цревата, се апсорбира и може да се прошири низ ткивата. Хербицидот не се излачува преку фецес или урина и предизвикува акутна повреда на бубрезите и на црниот дроб. Забележани се и оштетувања на белите дробови и нервниот систем.

При доволно високи концентрации, труењето со дикват може да доведе до откажување на повеќе органи, па и смрт.

******
Види и: Пиво, вино, глифосат
Монсанто пак го удрија кајшто најмалку го боли

9 јули 2025 - 07:58