„Иако никој од околните факмани одамна се нема пожалено/пофалено дека ја закачил (сега главно се жалат на триглицериди или жгаравица), гонорејата не само што е тука, туку станува отпорна на сите можни оружја кои ги имаме против неа“, пишавме уште пред во 2016-та годин во статијата „Триперот се враќа, појак од кога и да е“, најавувајќи дека гонорејата наскоро ќе биде неизлечива бидејќи во меѓувреме се запознала со сите антибиотици кои човекот ги има на располагање против неа и развила отпорност кон нив.
Деновиве СЗО предупреди дека тоа станува реалност и дека актуелната пандемија само ја влошува состојбата поради фактот дека колку помасовно се користат антибиотици, толку повеќе некои супер бактерии како оваа на гонорејата стануваат резистентни на нив. Во моментов, од таканаречените супер- бактерии умираат околу 700.000 луѓе годишно на светско ниво.
Првата линија на одбрана против гонорејата долго време успешно беа антибиотиците азитромицин и цефтриаксон, но веќе се регистрирани случаи кога луѓе со оваа бактерија се комплетно резистентни на комбинираната терапија. Гонорејата не е смртоносна болест но знае да биде незгодна ако не се третира. Станува комплицирана кога се пренесува од мајка на плод при што е можна појава на слепило.
Кумулативниот ефект на долготрајното масовно користење антибиотици доведува до сценарио во кое во скоро време луѓето повторно да почнат да умираат од обични бактерии како пред еден и повеќе векови.
Британија проценува дека ако набрзо не се преземе нешто битно во овој поглед, до 2050 година смртните случаи од бактерии резистентни на антибиотици ќе го претекнат ракот и ќе одземаат околу 10 милиони животи годишно. Тогаш супер гонорејата ќе ни биде најмалата секирација.